Навивачите на Реал во еуфорија, идното лето доаѓаат три екстра засилувања
Шпанските медиуми тврдат дека Реал Мадрид заврши најголем дел од работата за идното лето кога на „Сантијаго Бернабеу“ треба да пристигнат три екстра засилувања.
Очекувано, првото име е добро познато, Килијан Мбапе ќе биде главната ѕвезда на новите „галактикоси“. Мбапе ги одби сите понуди на ПСЖ за продолжување на соработката и по крајот на сезоната се очекува да го исполни сонот и да потпише за Реал Мадрид. Платата ќе му биде помеѓу 25 и 30 милиони евра, а Мбапе ќе потпише шестгодишен договор.
Следното големо име кое на „Сантијаго Бернабеу“ треба да пристигне бесплатно е Пол Погба на кого исто така му истекува договорот со Манчестер јунајтед на крајот од сезоната. Перез и агентот Мино Рајола веќе оствариле средба на која ги закопале „воените секири“, контроверзниот агент се согласил да ја намали провизијата за да може Погба да заигра за Реал Мадрид.
Францускиот репрезентативец е голема желба на ПСЖ и на Јувентус, но тој одлучи да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ и да заигра заедно со Мбапе и Карим Бензема кои му се колеги од репрезентацијата.
Неговата плата ќе биде помала од таа во Јунајтед и ќе изнесува нешто помалку од 20 милиони евра.
Третото големо име кое се очекува идното лето да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“ е Антонио Ридигер. Тој сè уште не може да најде заеднички јазик со Челси, а весникот „Ас“ пишува дека германскиот репрезентативец намерно одолговлекува со преговорите бидејќи од 1 јануари 2022 година ќе може да преговара со сите заинтересирани екипи и Реал Мадрис за него подготви петгодишен договор кој ќе му носи десет милиони евра по сезона.