Навални од притвор повикува на протести: Не плашете се, излезете на улица, излезете за себе и за својата иднина

Опозицискиот лидер Алексеј Навални од притвор во Химки кај Москва ги повика Русите масовно да излезат на протести, не само против неговото приведување, туку „заради себе и својата иднина“.

Навални беше приведен во неделата на московскиот аеродром Шереметјево веднаш штом стапна на руска територија. Тој претходно ја напушти Русија во септември, во состојба на индуцирана кома откако беше отруен при посета на Сибир. Во болницата во Германија во која беше префрлен беше утврдено дека бил отруен со нервниот боев отров „новичок“. Тој уште пред еден месец најави дека ќе се врати во Русија, иако се очекуваше да биде приведен.

– Не плашете се, излезете на улица. Не излегувате за мене, излезете за себе и за својата иднина – им порача Навални на Русите преку снимка од мобилен телефон испратена на Јутјуб.

Алексеј Навални доби 30-дневен притвор/Фото: EPA-EFE/NAVALNY PRESS TEAM / HANDOUT HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Судот во Москва на Навални му одреди притвор до 15 февруари, поради прекршување условна казна.

Русија по него објави потерница на 29 декември, за првото рочиште од случајот поради кој е притворен е закажано за 28 јануари за да биде утврдено дали ќе се промени условната казна.

Навални оцени дека неговиот случај е „потсмевање со правдата“, бидејќи „сѐ било спремно за набрзина организирано судење и одредување притвор“.

Алексеј Навални не се исплаши од изречената мерка притвор/ Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY BEST QUALITY AVAILABLE

– Сум гледал многу потсмевања со правдата, но „старецот во бункерот“ толку многу се плаши што очигледно го искинаа и го фрлија рускиот Кривичен законик – порача Навални, алудирајќи на претседателот Владимир Путин.

Околу 100 лица, главно новинари, се собраа на пред полициската станица во Химки, а полицијата приведе 12 демонстранти. Уште повеќе од 30 симпатизери на опозицискиот лидер биле приведени откако полицијата разбила протести во Санкт Петерсбург, а едно лице било приведено во Архангелск на рускиот Арктик.

Најблиските соработници на Навални најавија дека ќе организираат масовни протести низ цела Русија в сабота.

Навални има две условни казни од по пет години затвор за случаите „Кировлеса“, за кој е обвинет за проневера од над 16 милиони рубли (околу 180.000 евра) и за „Ив Роше“, за проневера на повеќе од 30 милиони рубли.

Лавров: Случајот вештачки е предимензиониран

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека инцидентот со рускиот опозициски лидер Алексеј Навални „вештачки“ добил надворешнополитичка димензија.

Навални излегува од полициска станица со полициска придружба/Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

– Прво и најважно е дека ние треба да си ја завршиме својата работа, а нашата работа е да ја спроведуваме надворешната политика на Русија – изјави Лавров, истакнувајќи дека одредувањето притвор за Навални е во полициска надлежност.

Лавров потсети и на изјавите на Навални во кои тврди дека практично бил протеран од Русија, но додаде дека Кремљ одобрил тој да биде префрлен на лекување во Германија токму по барање на неговата сопруга и на владата во Берлин.

Шефот на руската дипломатија потсети и дека Западот „под различни изговори и понатаму одбива да ѝ ги предаде на Москва резултатите од тестовите на Навални“, како и дека при прегледите на опозицискиот лидер во Омск, каде што првпат беше згрижен откако му се слоши, не биле пронајдени траги од труење.

Западните лидери единствени: Ослободете го!

Низа европски лидери и организации, како и претставници од САД, ја повикаа Русија итно да го ослободи од притвор опозицискиот лидер Алексеј Навални.

– Го осудувам притворањето на Алексеј Навални од страна на руските власти, по неговото враќање во Русија. Руските власти мора веднаш да го ослободат и да ја осигурат неговата безбедност – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа забележа дека „притворот за политички противници е во спротивност со меѓународните обврски на Русија“ и нагласи дека „ЕУ очекува темелна и независна истрага за нападот врз животот на Алексеј Навални“.

Стејт департментот на САД побара „безусловно ослободување веднаш“.

– Со огромна загриженост гледаме дека приведувањето е последно од низата обиди за замолчување на Навални и другите опозиционери и независни активисти, критичари на власта во Русија. Уверени политички лидери не се плашат од гласовите на конкуренцијата, ниту пак вршат насилство против, или противправно ги апсат опонентите. Рускиот народ, како и сите други, заслужува власт која поддржува слободен проток на идеи, транспарентно и одговорно владеење, независно судство и почитување на основните човекови права за изразување и собирање без страв од одмазда – изјави државниот секретар Мајк Помпео.

– Шокантно е што руските власти го задржаа во притвор господинот Навални и тој мора веднаш да биде ослободен. Наместо да го гони Навални, Москва треба да ја исполни својата обврска според меѓународното право и да истражи и објасни употреба на хемиско оружје на руска територија – изјави портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа забележа дека Навални, откако го преживеал атентатот, сега се соочува со казна од 13 години затвор.

– Политичките неистомисленици на која било влада на членка на ОБСЕ мора да имаат право да ги искажат своите ставови. Ги повикуваме властите да ги почитуваат своите обврски во рамките на ОБСЕ и Европската конвенција за човекови права и да запрат политички мотивирани гонења. За политичката програма на Навални треба да се изјаснат гласачите, а не обвинителите – соопшти претставник на ОБСЕ.

Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Полскиот премиер Матуш Моравјецки го нарече притворот на Навални „уште еден обид за заплашување на демократската опозиција во Русија“ и додаде дека е неопходен брз и недвосмислен одговор од ЕУ.

Балтичките земји бараат ЕУ да ја казни Москва

Балтичките членки на ЕУ, Литванија, Летонија и Естонија, побараа министрите за надворешни работи на Европската Унија в понеделник да разговараат за воведување нови санкции кон Русија поради апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис.

– Нашата цел е да имаме конкретна дискусија за санкциите што ЕУ може да ги воведе за притворот на Навални. Очигледно е дека Москва продолжува да го напаѓа опозицискиот лидер и ЕУ мора да биде подготвена да реагира цврсто – изјави Ландсбергис.

Поранешните советски републики веднаш побараа Навални итно да биде ослободен, а притворот го оценија како „целосно неприфатлив“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот