Наумовски: На велосипедистите не им е одземено правото на безбедно движење, туку комоцијата

Не стивнуваат реакциите во јавноста поради новите контејнери поставени на дел од булеварите во надлежност на Град Скопје, особено незадоволството на велосипедистите. Тие сега по булеварот „Партизански одреди“, на потегот од улицата „Френклин Рузвелт“ до булевар „Свети Климент Охридски, наместо да возат право по велосипедската патека, на седум места треба да заобиколуваат контејнери, како и две автобуски станици. Слична е ситуацијата и од другата страна на булеварот.

Новите контејнери се поставени точно на велосипедските патеки, а зад нив се исцртани обиколници со жолти линии, кои, како што објаснуваат од Град Скопје, укажуваат дека станува збор за привремен сообраќај. Со оглед на фактот што единствен начин да се испразнат контејнерите со камионите наменети специјално за нив, е тие да бидат наместени до работ на тротоарот, речиси е сигурно дека овој привремен сообраќај за велосипедистите ќе стане траен режим.

Габаритните контејнери сместени последниов месец по улиците, Градот ги избрал како најсоодветни за Скопје, за потребите и навиките на граѓаните, а ги користат и жителите на Барселона и на Љубљана.

– Ги избравме овие контејнери поради техничките карактеристики што одговараат на потребите и навиките на граѓаните. Претходните контејнери имаа тркала, имаа капаци за отворање и затворање, имаа трипати помала кубикажа, немаа начин како да се отвораат со рака или нога. Од овие контејнери нема да ви скокне мачка кога фрлате ѓубре, нема да ве нападнат инсекти, не се шири непријатна миризба. Автоматското затворање на капакот и помалиот отвор, значи дека во нив не може да се фрла кабаст отпад и друг несоодветен отпад. Немаат тркалца и не можат да се буткаат и преместуваат кому како му одговара – објаснува Никола Наумовски, шеф на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

Тој вели дека биле свесни дека ќе наидат на вакви реакции при набавката на контејнерите, но дека сега имаат помалку проблеми отколку со претходните контејнери.

– Ние не се занимаваме само со велосипедистите во овој град, туку со сите граѓани. Секој втор ден имаме некакво јавување од граѓани каде што ни бараат некој контејнер да се премести. Ако го слушате народниот глас за комунални прашања, тогаш секој ќе си гледа нему како му е најдобро. Едноставно не можат сите да бидат среќни. Во моментов велосипедистите се несреќни, но ним не им е одземено правото на безбедно движење, туку само комоцијата и тоа привремено – додава Наумовски.

Град Скопје покрај новонабавените ќе купува и друг вид контејнери. Во Скопје има 4.500 контејнери, недостасуваат уште, затоа што според проценката на Градот, треба да има околу шест илјади.

– Дел од новите контејнери ги поставивме на местата каде што стоеја старите, а старите се измиени и поправени и со нив се заменети дел од оштетените контејнери низ градот. Планираме со општините да набавиме полуподземни контејнери, како трет тип, што можат да се поставуваат низ општините, а се планира да се воведе и собирање во рамките на парцела – вели Наумовски.

На булеварот „Партизански одреди“ низ Карпош не се ставени новите контејнери, затоа што таму до велосипедската патека има жардиниери, кои во тој случај треба да се сечат. Но, од Градот ветуваат дека во иднина ќе мора да се најде начин да има и контејнери и зеленило и безбедно движење, но за тоа треба компромис меѓу граѓаните.

За една ноќ изгорени осум контејнери

 

Два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 кубни метра се опожарени минатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров, како и шест пластични контејнери од 1,1 кубни метри во населбата Ново Лисиче, информира ЈП „Комунална хигиена“.

Оттаму посочуваат дека со ваков инцидент се соочиле и за време на изминатиот викенд во скопската населба Радишани, каде што изгореа три контејнери од 1,1 кубни метри и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло.

Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање на отпадот се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и да се санкционираат сторителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот