Науката потврди: Бабите повеќе уживаат во грижата за внуците, отколку за сопствените деца

баба
Фото: Pexels

Научниците тврдат дека го докажале она што отсекогаш го знаеле многу луѓе кои имале среќа да растат со баби – инстинктивно им е всадена грижата за внуците.

Новата студија, објавена во списанието „Royal Society“, е првата студија која открива невронски приказ на оваа посебна меѓугенерациска врска.

Со помош на функционална магнетна резонанца (fMRI), научниците од Универзитетот Емори во американската држава Џорџија скенирале мозоци на 50 баби на кои им биле покажани фотографии од нивните внуци, на возраст меѓу 3 и 12 години.

баба

Како контролен механизам им биле прикажани и фотографии од непознати деца, нивните возрасни деца и непознати возрасни лица.

„Беа активирани областите на мозокот вклучени во емоционалната емпатија“, изјави за „AFP“, Џејмс Рилинг, антрополог и невролог кој ја водел студијата. „Кога гледаат фотографии од нивните внуци, тие навистина го чувствуваат она што го чувствува внукот. Кога детето изразува радост, тие ја чувствуваат таа радост. Кога децата се вознемирени, тие ја чувствуваат таа вознемиреност“.

Спротивно на тоа, кога бабите гледале фотографии од нивните возрасни деца, имале посилно активирање на областите во мозокот поврзани со когнитивната емпатија, односно обид да се разбере што мисли или чувствува човекот и зошто, но без толку многу емоционален ангажман.

баба

За разлика од другите видови, луѓето се „кооперативни одгледувачи“, што значи дека на мајките им се помага да одгледуваат своето потомство.

Рилинг, кој претходно спровел слично истражување за татковците, сакал да го сврти своето внимание кон бабите за да ја истражи теоријата позната во антропологијата како „хипотеза на бабите“.

Хипотезата е дека жените од човечкиот вид еволуциски живеат долго откако ќе завршат нивните репродуктивни години за да им помогнат на своите потомци и внуци. Феноменот е забележан и кај други видови како што се слоновите, а забележан е и кај орките, кои, како и луѓето, за разлика од огромното мнозинство на други цицачи, исто така поминуваат низ менопауза.

баба

„Ова е навистина првиот поглед на мозокот на баба“, рече Рилинг, објаснувајќи дека студиите за скенирање на мозокот кај постарите обично се фокусираат на проучување на болести како Алцхајмеровата болест.

Бабите кои учествувале во студијата се од областа Атланта и се од различни раси и економски статус и морале да пополнат прашалници како дел од истражувањето.

Оние баби кои изразиле поголема желба да бидат вклучени во грижата за внуците имале посилна активност во мозочните региони одговорни за интерес.

баба

Поубаво е да си баба

Споредувајќи ја новата студија со резултатите од неговото претходно истражување за татковците, Рилинг открил дека бабите имаат посилно активирани области во нивниот мозок поврзани со емоционална емпатија и мотивација.

Но, тој нагласи дека ова откритие е само просечно и не мора да се применува за секој поединец. Рилинг, исто така, ја интервјуирал секоја од своите испитанички за да добие впечаток за предизвиците и шармите на да се биде баба.

„Најголемиот предизвик беа разликите во мислењата што ги имаат со родителите во поглед на начинот на воспитување на внуците и постојаната борба да се воздржат од тоа“, објасни Рилинг.

Многу баби чувствувале дека можат да бидат поприсутни сега, кога веќе немаат временски и финансиски притисок со кои се мачеле при воспитувањето на сопствените деца.

„Многу од нив изјавија дека повеќе уживаат во улогата на баби отколку што уживале во улогите на мајки“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот