НАУЧНИЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Огромните пожари во Австралија можат да станат редовна појава

Пожари во Европа/Фото: EPA

Истиот ефект што климатските промени го имаат врз Австралија е причина за поголеми пожари во западните држави на САД, Јужна Европа, Скандинавија, Амазонија и Сибир.

Во заклучоци од 57 научни извештаи објавени од 2013 година се покажува дека големи природни непогоди како што се пожарите во Австралија, можат да станат норма наместо исклучоци.

Австралиската Влада и некои медиуми се обидуваат да ја минимизираат улогата на климатските промени предизвикани од човекот, но податоците покажуваат дека планетата е многу поранлива од такви појави.

– Ние нема да го спречиме трендот на затоплување на климата во блиска иднина, така што непогоди како ова ќе продолжат да се случуваат – рече Ричард Бетс, директор на Одделот за истражување на климатските промени во британската метеоролошка служба.

Систематизацијата на податоците од 57 извештаи покажува дека се повеќе се забележуваат услови кои британските научници ги нарекуваат „огнено време”. Тоа е комбинација на високи температури, мала влажност, слаби врнежи од дожд и засилен ветер.

Истиот ефект што климатските промени го имаат врз Австралија е причина за поголеми пожари во западните држави на САД, Јужна Европа, Скандинавија, Амазонија и Сибир.

Глобално, сезоната на пожари се продолжила за 20 проценти, велат научниците.

Според Светската метеоролошка организација, до крајот на векот, просечната температура на Земјата ќе се искачи за 3 до 5 Целзиусови степени доколку не се намалат обемот на штетни гасови ослободени во атмосферата.

Тоа е трипати над договореното ниво во Парискиот договор за климата од 2015 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот