Научниците одговараат дали топлото време ќе го забави ширењето на коронависрусот

Научниците не се сигурни дали топлото време ќе го забави ширењето на коронавирусот, но тие знаат кои услови го поддржуваат ширењето.

Кога потоплото време би го забавило ширењето на вирусот, тогаш доаѓањето на пролетта, а особено на летото, би го стопирале или барем значително би го намалиле ширењето на КОВИД-19, како што е случајот со грипот или настинките.

За жал, многу е неизвесно дали коронавирусот САРС-КоВ-2 се однесува на овој начин. Научниците ширум светот кои го испитуваат влијанието на времето врз новиот вирус сè уште не одговориле со сигурност на прашањето – дали сонцето и летото ќе го означат крајот на пандемијата.

На пример, една студија спроведена на Универзитетот „Сун Јат-сен“ во кинескиот град Гуанџоу открива дека одредена температура на воздухот го фаворизира ширењето на коронавирусот, но истражувањето мора да помине низ ревизија.

„Вирусот е многу чувствителен на висока температура, што може да го спречи неговото ширење во потоплите земји, додека се чини дека спротивно се случува во постудените климатски услови“, се вели во студијата.

Други студии пак, покажале дека преносот на вирусот и брзиот раст на инфекцијата се можни во голем број на различни услови на влага; од студените и суви провинции во Кина до тропските локации како Сингапур.

Водени од верувањето дека топлината го убива вирусот, на социјалните медиуми се шират различни препораки, на пример, дека е добро да се пие што е можно повеќе топла вода, дека е корисно капењето во топли бањи и дека треба да се изложиме повеќе на сонце.

За жал, ако борбата против вирусот беше толку едноставна, целиот свет немаше да биде на нозе.

Затоа, експертите брзо ги негираа ваквите „рецепти“ и „препораки“, посочувајќи дека сигурно нема на ваков начин да го убиете вирусот ако сте заразени, ниту пак ќе ви помогне да се одбраните од заразување.

Според досегашните сознанија, вирусот може да се шири во сите области. И во топлите и во ладните. Ова е потврдено преку случаите на заразување во Африка, иако прашање е дали сите случаи се увезени или имало локален пренос на болеста.

Коронавирусот се појавил на северот на Африка преку заразени Европејци, а потоа полека се ширел низ целиот континент. За среќа, бројот на случаи во повеќето земји на континентот е сè уште мал, се брои во десетици. Најпогодена земја во моментов е Јужна Африка, со 554 случаи потврдени во вторникот, за 152 повеќе од претходниот ден. Таму, температурата на воздухот се движи помеѓу 20 и 30 степени.

Истражувачите од универзитетот „Сан Јат-сен“ сепак, рекле дека вирусот се ширел најбрзо на температура од 8,72 степени и препорачале да бидат донесени најстроги мерки на контрола во земјите со постудени климатски услови.

Многу респираторни инфекции, вклучително и оние предизвикани од коронавирусот, се шират преку капки кои се ослободуваат кога заразеното лице кашла или кива. И кога воздухот е студен и сув, овие капки сигурно ќе се задржат во воздухот подолго, па затоа заразуваат и повеќе луѓе. Поточно, респираторните вируси имаат поголема стабилност при ниски температури.

Сепак, со сигурност не се знае дали топлото време ќе го забави ширењето на коронавирусот, но се знае какво време е погодно за неговото проширување. И тоа е веќе нешто.

Во секој случај, останете дома онолку долго колку што е потребно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот