Научниците откриваат: Редок метеорит што падна во близина на Берлин е стар 4,5 милијарди години
Метеоритот што падна на Земјата во близина на Берлин во јануари оваа година е стар околу 4,5 милијарди години и припаѓа на ретка класа на аубрити, открија научниците во студијата објавена во списанието „Метеоритика и планетарна наука“ (Meteoritics & Planetary Science).
Малиот астероид 2024 БХ1 изгоре во атмосферата во близина на Берлин на 21 јануари, во спектакуларно небесно шоу. Фрагментите паднале на земја во регионот Хавеланд, во покраината Бранденбург што ја опкружува германската престолнина, а многумина се собрани од научници и колекционери, пишува „Дојче веле“.
Приближно 202 фрагменти со вкупна тежина од 1,8 килограми се пронајдени во поле во близина на бранденбуршките села Рибек, Берге и Лицов, расфрлани на површина од 1,5 на 10 километри. Научниците го нарекоа метеоритот Рибек по местото каде што е пронајден.
Студијата на истражувачите предводени од Институтот за планетологија на Универзитетот во Минстер, откри дека Рибек припаѓа на исклучително ретка класа на аубрити кои се богати со магнезиум и силициум. Рибек има посебен статус во оваа ретка класа бидејќи карпата содржи исклучително висок процент на силикатен минерал фелдспат.
Истражувачката група претпоставува дека матичното тело на Рибек е старо околу 4,5 милијарди години и дека потекнува од астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер.
Научниците ја објаснија и причината зошто фрагментите мирисаат силно на водород сулфид, слично на мирисот на расипани јајца. Имено, хемиските реакции помеѓу минералите и влагата го предизвикале мирисот и ја промениле минералогијата на карпата.
🎞 A meteor lit up the sky near Berlin. Do we have to worry about being hit by rocks from space here on Earth? ☄️🌍 #Sar2736 #2024BX1 pic.twitter.com/HNJpWjHwvs
— DW Science (@dw_scitech) January 26, 2024