Научниците открија што две лажици мед на ден му прават на организмот

Фото: Flickr

Новото истражување покажа дека медот може да го подобри нивото на шеќер и холестерол во крвта. Оваа студија беше објавена во научното списание „Nutrition Reviews“, а ја спроведеле научници од Универзитетот во Торонто.

Истражувачите се фокусирале на 18 различни контролирани испитувања кои опфатиле повеќе од 1.110 испитаници и траеле во просек околу два месеци. Сакале да утврдат какво и колкаво влијание има медот врз кардиоваскуларните метаболички фактори на ризик.

Резултатите покажале дека медот има позитивно дејство на здравјето на срцето, односно поволно влијае на нивото на шеќер во крвта и на холестеролот.

Учесниците генерално консумирале околу две полни лажички мед дневно, но било забележано дека суровиот мед е тој што дава многу повеќе придобивки. Од друга страна, преработениот мед не е толку ефикасен кога се во прашање придобивките за организмот. Инаку, сиров мед е мед кој е апсолутно природен, непреработен, непастеризиран, нефилтриран, без никаква последователна обработка.

„Овие резултати се изненадувачки, имајќи предвид дека медот е приближно 80 отсто шеќер. Но, медот е воедно и сложен состав од шеќери, протеини, органски киселини и други вообичаени и ретки биоактивни соединенија кои се многу корисни за здравјето“, заклучиле истражувачите што ја спровеле студијата.

„Медот е богат со антиоксиданти кои се добри за здравјето на срцето. Содржи флавоноиди кои имаат способност да го спречат формирањето на згрутчување на крвта, но и фенолни соединенија кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и ги штитат клетките од оксидативен стрес“, вели диететичарката Кетрин Хервасио.

Таа додала и дека сировиот мед не претрпел никакви методи на преработка, поради што задржува повеќе хранливи материи и антиоксиданти од преработениот мед.

„Јадењето мед во неговата најприродна состојба е најдобрата опција“, вели Кетрин.

Експертите велат дека една до две лажици сиров мед дневно се доволни за да ги добиете хранливите материи што ви се потребни за добро здравје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот