Научници, наместо фармери ќе „одгледуваат“ говеда и свињи, Македонците преферираат природни шницли

Месо во маркет / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Досега во земјава не е направено истражување дали македонските потрошувачи би купувале лабораториски произведено месо, но неофицијално пазарот е премногу традиционален за да прифати вакви производи

Соочени со се поголемата побарувачка на месо, светските производители, наместо на фармите, се повеќе експериментираат во лабораториите. По првите успешни резултати со пилешкото и свинското месо, бразилскиот производител на месо ЏБС, објави дека неговата подружница Био Тек Фудс започнала со изградба во Шпанија на својата прва фабрика за производство на месо одгледано во лабораторија на комерцијално ниво. Производствените капацитети треба да бидат завршени до средината на 2024 година, објави Ројтерс. Според ЏБС, фабриката, која ќе биде најголемата во светот за производство на говедско месо во лабораторија, ќе има годишен производствен капацитет од повеќе од 1.000 метрички тони култивирано говедско месо. На среден рок, компанијата верува дека може да го зголеми производството до 4.000 метрички тони годишно.

Во Македонија, месото и натаму се произведува по природен пат на фарми, а она што се увезува како на пример говедското и пилешкото, се произвдени на ист начин. Досега во земјава не е направено истражување дали македонските потрошувачи би купувале лабораториски произведено месо, но неофицијално пазарот е премногу традиционален за да прифати вакви производи. Според податоците на Стопанската комора на Македонија, околу 90 отсто од домашните потреби за сурово свинско месо се покриени со домашното производство, но македонската месна индустрија за своите потреби целосно увезува замрзнато свинско месо. Главните пазари од кои се увезува свинското месо се ЕУ (62 отсто), Бразил (11 отсто) и Полска (4 отсо). Увезените производи од свинско месо (шунка, колбаси и сланина) се релативно поевтини и покрај царинските трошоци за увоз. Што се однесува до говедското месо, годишно кај нас се увезуваат околу 40 илјади тони и околу 50 илјади тони пилешко месо.

Бразилската компанија ЏБС соопшти дека Био Тек Фудс планира постепено да го зголемува својот производствен капацитет за да одговори на растечката побарувачка на потрошувачите и ги гледа Австралија, Бразил, Европската унија, Јапонија, Сингапур и САД како клучни пазари. Нивното култивирано месо се произведува од примерок од клетки собрани од добиток и прераснати во ткиво слично на она што се произведува во телото на животното. Бразилскиот производител на пилешко и свинско месо БРФ, исто така, се впушти во секторот за култивирано месо со инвестиција од 2,5 милиони долари во израелскиот старт-ап Алеф Фармс во 2021 година.

Претходно, најголемата европска групација за производство на замрзната храна, британската корпорација „Номад фудс“, најави дека во соработка со американската компанија „Блу Налу“ ќе развие производство на морска храна која ќе се одгледува од клетки во лаборатории. Нивната цел е комерцијализација на лабораториски одгледувани морски плодови за да се задоволи зголемената побарувачка, но и бројните барања за зачувување на долгорочната одржливост на природните живеалишта, објави Ројтерс, цитирајќи го Танјуг. Инаку, Европа е најголемиот увозник на морска храна во светот, се вели во извештајот на Европската унија за „сината економија“. Така, после месото, производството на друга храна од традиционални фабрики преминува во лаборатории, а се повеќе компании планираат да се пробаат во тој сектор. Гардијан неодамна го објави мислењето на Институтот за добра храна (ЏФИ) дека сè уште има инженерски предизвици кои треба да се решат за да се намалат трошоците за производство.

Вештачкото месо е поевтино од природното?

Податоците на израелската компанија „Фјучр Мит“ покажуваат дека трошоците за производство на вештачки пилешки гради се речиси преполовени во последните четири месеци – од 7,50 на 4 долари – и дека се очекува цената да падне на 2 долари во рок од една и пол година. Според извештајот на овој институт, во компании за одгледувано месо во 2020 година биле инвестирани повеќе од 300 милиони евра. Тие очекуваат инвестициите да растат само штом ова месо ќе дојде на полиците на продавниците. Британскиот весник наведува дека некои студии покажуваат дека 80 отсто од луѓето во Велика Британија и во САД се подготвени да консумираат месо произведено во лаборатории, особено помладата популација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот