Научната книга „Конески како тестамент“ од Весна Мојсова Чепишевска ќе има промоција во КИЦ

На промоцијата, книгата ќе биде претставена со осврт на Иван Антоновски и со разговор меѓу него и Весна Мојсова Чепишевска, со прашања отворени и поттикнати со „Конески како тестамент“. Промоцијата ќе се одржи на 7 јуни, во „Салон 19.19“ во КИЦ, со почеток во 19.19 часот, а музичката програма на настанот ќе биде во изведба на Каролина Петровска на пијано.

Книгата „Конески како тестамент“ е резултат на долгогодишната посветеност на Мојсова Чепишевска на делото на Блаже Конески. Во книгата се отвораат повеќе прашања и се анализираат сегменти од делото на великанот, коишто претходно не се согледани или потемелно анализирани и коментари од македонската книжевна наука.

Со иновативен книжевно-теориски, историографски и културолошки пристап, во оваа книга, Мојсова Чепишевска предочува и низа малку познати информации, податоци и интерпретации и доаѓа до низа тези, согледби и заклучоци, коишто претставуваат ново исчитување и валоризација на делото на Конески како нулта точка на современата македонска култура.

Весна Мојсова Чепишевска е редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на којшто повеќе од три децении предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a повеќе од една деценија и предмети од областа на книжевноста за деца, како и од областа на македонската култура.

Авторка е на над 350 објавени научни трудови во домашни и странски списанија, како и на осум книги, приредувач е на седум антологии и коавтор на една белетристичка книга.

Од октомври 2019 година е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две децении работи и како лектор по македонска литература на школите на Семинарот.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Македонскиот славистички комитет (СМК). Добитничка е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга, критика и есеистика.

Видео на денот