НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК: Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со години сум покровител на оваа конференција за македонскиот јазик и голема чест ми е што повторно сум овде и во овие пандемиски услови, изјави Заев на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – Извор на научни истражувања дома и надвор“ во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Премиерот во своето обраќање укажа на значењето на македонскиот јазик честитајќи ја 75-годишнината од создавањето на македонската азбука и правопис, а притоа истакна дека оваа влада ќе продолжи да го негува македонскиот јазик и во иднина.

– Продолжуваме со законски решенија за заштита на нашиот јазик и издавање голем број на книжевни дела за унапредување на јазикот. Тие дела помагаат да се продолжува животот на јазикот. Јазикот сме сите ние, сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците. Тие две нешта неможат едно без друго. Да го чуваме и негуваме македонскиот јазик бидејќи тој е нашата татковина – порача Заев.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На научната конференција присуствуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска, а покрај премиерот Заев, свое обраќање имаа и директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, како и претседателката на Меѓународниот организациски одбор на конференцијата, Лидија Тантуровска, кои исто така укажаа на значењето на нашиот јазик.

Токму на конференцијата на одбележување на 75 години од создавањето на македонскиот литературен јазик и правопис и во време кога се водат жестоки дебати со Бугарија за постоењето на нашиот јазик и народ, Заев изрази надеж дека ќе се постигне договор за сите отворени прашања со овој сосед.

– Нема народи и држави што признаваат или не признаваат идентитет. Очекувам Бугарија и бугарскиот народ недвосмислено да искажат потврда на постоењето на македонскиот јазик и народ. Пријателите и браќата имаат таков однос. Како што слушам и од Борисов, тие го признаваат јазикот и македонскиот народ, а сакаат да дебатираат за историјата, за заедничките и посебните делови од историјата. Право и обврска на Заедничката комисија е да ги решаваат историските настани и личности и на тој начин да го зголемуваат пријателството меѓу двата народа. Верувам дека ќе се изнајдат одговори на прашањата поврзани со Гоце Делчев и другите настани и ја поздравувам работата на заедничката комисија – изјави премиерот Заев.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

И во оваа прилика тој повтори дека не гледа потреба за лидерска средба, како што тоа го бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со првата меѓувладина конференција која ќе значи почеток на преговорите со ЕУ, потсети дека предупредил оти е можно таа и да не се одржи доколку Бугарија не даде зелено светло за нејзин почеток.

– Не очекувам од Бугарија да го постави како услов идентитетскиот дел, но ако не се случи меѓувладината конференција, треба да се знае дека од нас се бара нешто кое не сакаме да го прифатиме ниту да дискутираме за тоа – нагласи премиерот.

Во одговор на друго новинарско прашање Заев рече дека Бугарија не бара од Македонија промена на Уставот, ниту пак потпишување на нов договор меѓу двете држави.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Бугарија не бара промена на уставот и сметам дека нема потреба од промена на договорот со Бугарија – изјави Заев на новинарско прашање, истакнувајќи дека актуелниот договор за добрососедство со Бугарија е добар.

По обраќањата на присутните беше промовиран и Зборник од минатогодишната Меѓународна конференција, а премиерот Заев доби и благодарница за поддршката од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот