„Натрапникот“ Инџе им го расипа есапот на Киличдароглу и Ердоган

Инџе во 2018 година беше претседателски кандидат на републиканците - Фотографија ЕПА, Срѓан Суки

Инџе има мали шанси да биде избран за претседател, но со вклучувањето во трката им создаде големи проблеми на другите двајца кандидати, особено на Киличдароглу, со кој има идентична гласачка база

Уфрлањето на третиот кандидат во претседателската трка во Турција ги поремети плановите на опозицијата и на нејзиниот кандидат Кемал Киличдароглу конечно да го совладаат на избори претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Мухарем Инџе, поранешен републикански сопартиец на Киличдароглу, одби да им се приклучи на фронтот од шесте опозициски партии што решија со заеднички кандидат да му се спротивстават на Ердоган на изборите на 14 мај. Претставувајќи ја партијата Мемлекет (Татковина), која во 2020 година се издвои од Републиканската народна партија (ЏХП), Инџе ги собра потребните 100.000 потписи од граѓани за да се регистрира како претседателски кандидат. Собирањето потписи е обврска на сите кандидати што не се поддржани од пратеничка група. Објаснувајќи зошто не му се приклучил на фронтот против Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот, Инџе за весникот „Хуриет“ изјави дека не е незадоволен ни од владејачката партија ни од опозицискиот блок.

На возраст од 57 години, Мухарем Инџе е една генерација помлад од своите противкандидати. Тој има мали шанси да биде избран за претседател, но со вклучувањето во трката им создаде големи проблеми на другите двајца кандидати, особено на Киличдароглу, со кој има идентична гласачка база. Во периодот кога имаше двајца кандидати, анкетите покажуваа дека Киличдароглу беше во блага предност во однос на Ердоган. Повисок рејтинг од неколку проценти два месеца пред избори и не е некоја предност против харизматичниот Ердоган, кој многу пати досега покажа дека во кампањата може да ги мобилизира своите симпатизери и да ги анимира неопределените. Киличдароглу е политички ветеран, но скромноста и воздржаноста му се „непријатели“ во кампањата.

Пораз во 2018

Изборите годинава многу се разлукуваат од оние во 2018 година, кога Ердоган со 52,6 отсто од гласовите победи уште во првата рунда. Како кандидат на републиканците тогаш настапи токму Инџе и освои 30,6 отсто од гласовите. Раководството на ЏХП, па и лидерот Киличдароглу, тогаш оценија дека Инџе како кандидат би имал повеќе шанси, зашто е поенергичен.
За разлика од 2018 година, Републиканската партија сега настапува со уште пет други опозициски партии. Формирањето на блокот не беше лесно и цела година се водеше дијалог за надминување на спротивставените програми на партиите. Тоа укажува дека коалицијата што би дошла на власт би била „експлозивна“ поради внатрешните судири, но и дека Ердоган првпат реално се соочува со противкандидат што има поширока подддршка зад себе.

Во прилог на опозицијата одат и длабоката економска криза што ја погоди Турција, со пад на вредноста на лирата, како и критиките од јавноста дека властите не реагирале навремено за да им помогнат на жртвите од катастрофалниот земјотрес, па и за повеќегодишното несоочување со градежната мафија што не ги почитувала строгите стандарди за сеизмичка безбедност на објектите.

Во таква ситуација, кандидатурата на Инџе е меѓу ретките адути на страната на Ердоган.

– Ова е лоша вест за опозицијата. Инџе има капацитет да извлече гласови од ЏХП. Поддршката за него може да придонесе да нема победник во првиот круг – изјави за Франс прес Берк Есен, асистент по политички науки на истанбулскиот универзитет Сабанџи.

Битка на два фронта

Инџе, пак, е спремен за нов дуел и со својот најголем политички сојузник и со најголемиот политички противник.

– Ќе има втор круг од изборите и во вториот круг ќе победам со 60 отсто од гласовите – решително изјави Инџе откако ја предаде листата со потписи.

По разочарувачкиот пораз на изборите во 2018 година тој го предизвика и партискиот лидер Киличдароглу, но ја загуби и партиската трка, по што ја напушти ЏХП и формираше сопствена партија. Мемлекет е насочена кон секуларните националисти, кои се главната база на Републиканската партија.

Аналитичари забележуваат дека во случајот на Инџе доцнењето со кандидатурата воопшто не е хендикеп. Се претпоставува дека тој ќе се обиде да собира гласови критикувајќи ги Ердоган и Киличдароглу, а не со промовирање сопствена програма, веројатно затоа што и нема со што друго да им се спротивстави на противкандидатите.

– Инџе ќе се обиде да се наметне како алтернатива, без вистински да се претстави пред гласачите. Тој вели дека е против Ердоган, вели дека е против Киличдароглу, но не кажува за што всушност е. Никој не знае – вели аналитичарот Серкан Демирташ.

Политичките експерти се едногласни дека Инџе не го претставува „третиот пат“ во Турција, бидејќи на изборите нема воопшто да привлече луѓе што веќе се решени да гласаат за Ердоган. Очекувајќи во вториот дуел да го совлада барем Киличдароглу, за да излезе на мегдан со Ердоган, тој само ќе му отвори нов фронт на својот поранешен сопартиец и ќе спречи негова победа во првиот круг. Ако, пак, очекувано заврши на третото место, спроти вториот круг на 28 мај би можел да ја условува со политички отстапки својата отворена поддршка за Киличдароглу.

– Исходот на вториот круг од изборите ќе зависи од тоа дали Инџе и Киличдароглу ќе се помират – вели Емре Пекер, аналитичар од групата Евроазија.

Скриен адут на третиот кандидат е неговиот висок рејтинг меѓу младата генерација Турци, кои првпат гласаат за претседател.

– Младите се уморни од Ердоган, а не се инспирирани од воздржаниот Киличдароглу, кој не го препознаваат како „свежото лице“ – вели Берк Есен.

Во очекување на анкетните резултати за избори со тројцата кандидати, опозицијата стравува дека Ердоган ќе се издвои на првото место и со самото тоа уште повеќе ќе ги зголеми шансите за победа на изборите. Но, попусти беа сите обиди да го обесхрабрат решителниот Инџе. Тој не го промени ставот ни по завчерашната директна средба со Киличдароглу во Анкара.

– Овој Ердоган треба да замине. Овој Ердоган е уморен, арогантен и не треба да владее ни уште пет минути – изјави Инџе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот