НАТО состанок во Берлин за долгорочната стратегија за Русија и евентуален влез на Финска и Шведска

Знамиња на Финска и НАТО/ Фото designer491 / Alamy / Alamy / Profimedia

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО овој викенд ќе се состанат во Берлин за да разговараат за долгорочна стратегија за Русија и  можниот влез на Финска и Шведска.

Геополитичкото влијание на НАТО нагло се зголеми по руската инвазија на Украина и наскоро би можело да добие нови членки.

Владејачката Социјалдемократска партија во Финска денеска ќе го објави својот став за евентуалното пристапување во НАТО. Финскиот државен врв во четвртокот објави дека Финска мора да поднесе барање за членство во НАТО „без одлагање”.

Шведските владејачки социјалдемократи во недела треба да одлучат дали ќе се откажат од децениското противење на членството во НАТО, што речиси сигурно ќе доведе до тоа Шведска да побара членство во Алијансата.

Шефовите на шведската и финската дипломатија Ен Лиде и Пека Хаависто треба да присуствуваат на состанокот на НАТО.

Данска, Норвешка и Исланд се членки на НАТО од неговото основање.

Москва вели дека проширувањето на НАТО со Финска и Шведска ќе биде непријателски гест и ќе претставува дополнителна закана за нејзината безбедност, поради што најави дека ќе одговори на тој потег.

Кандидатурата на Финска и Шведска треба да биде одобрена од сите 30 земји.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот рече дека членството на Финска и Шведска во НАТО ќе биде „грешка”.

Дводневниот состанок, чиј домаќин е германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, а на кој ќе присуствува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ќе го означи почетокот на последната фаза од преговорите за Стратешкиот концепт на НАТО, документ кој ги поставува насоките за иднината.

Концептот треба да овозможи долгорочен одговор на растечките тензии со Русија, вклучително и појаснување за тоа како да се врати влијанието на НАТО во Источна Европа во иднина и, за првпат, насоки за Кина.

Конечната верзија на документот треба да биде усвоена од лидерите на НАТО на самитот во Мадрид во јуни.

Ердоган: Турција не го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот