НАТО: Ситуацијата во Авганистан е тешка и предизвикувачка

НАТО / Фото: МИА

НАТО безбедносната ситуација во Авганистан ја оцени како „тешка и предизвикувачка“ и ги повика милитантните талибанци да прекинат со нападите.

– Ја споделуваме длабоката загриженост со Советот за безбедност на Обединети нации за високото ниво на насилство предизвикано од воената офанзива на талибанците, вклучително и нападите врз цивили и извештаите за други сериозни прекршувања на човековите права, изјави неименуван претставник на НАТО за германската новинска агенција ДПА.

Тој додаде дека нема воено решение за конфликтот.

– Талибанците мора да разберат дека тие никогаш нема да бидат признати од меѓународната заедница ако го отфрлат политичкиот процес и се обидат да ја преземат земјата со сила. Мора да ги прекинат нападите и да учествуваат во мировните преговори со добра волја.

Тој ги повика сите регионални актери да бидат конструктивни, бидејќи стабилен и безбеден Авганистан е во корист на сите.

Од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи на почетокот на мај, талибанците заземаат град по град и голема територија е под нивна контрола. И покрај тоа, САД, како и Германија, се држат до своите плановите за повлекување од Авганистан.

Видео на денот