НАТО ќе испрати дополнителна помош за справување со Ковид-19

За неговата прва официјална посета на Брисел од реизборот, премиерот Зоран Заев го одбра Северноатлантскиот сојуз, каде Северна Македонија и формално е членка од март оваа година. НАТО се заложи за дополнителна помош за справување со пандемијата од Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, му се заблагодари на шефот на македонската влада, Зоран Заев, за учеството во мисиите на НАТО како и за заложбата до 2024 Северна Македонија да одвои два отсто од својот буџет за одбраната, како што бара Алијансата од сите свои членки.

-Денес можам да објавам дека Северна Македонија ќе добие пакет помош, за справување со пандемијата на Ковид-19, од новите залихи ќе се издвојат 60 респиратори и друга итно потребна опрема, ова е солидарноста на НАТО на дело, изјави Столтенберг на прес конференцијата, во време кога цела Европа се подготвува за втор бран на коронавирусот.

Шефот на Алијансата увери дека таа ќе продолжи да ги мобилизира своите воени капацитети за поддршка кон цивилните напори во борбата против вирусот, како што го правеше тоа и до сега, со обезбедување полски болници, транспорт на опрема и на пациенти кога тоа е потребно.

-НАТО е тука да им помогне на сојузниците и тимот на НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза, рече Столтенберг, потсетувајќи дека, додека трае оваа криза, не исчезнуваат другите предизвици со кои се соочува Алијансата, како хибридните и сајбер нападите, меѓу другото.

Премиерот Заев од своја страна нагласи дека оваа прва официјална посета на НАТО е доказ за тоа колку Северна Македонија го цени своето членство во оваа организација, остварено во екот на здравствената криза во март.

Тој го увери Столтенберг дека Северна Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалната и регионалната безбедност преку учество во мисиите и зголемување на одбранбениот буџет, постепено, за да ги постигне два отсто од БДП во следните три години, како и да се зголеми капацитетот на армијата, нејзините професионални стандарди и интероперабилноста со сојузниците на НАТО.

-Нашето членство во НАТО е добро за безбедноста на регионот, Балканот не е изолиран остров, нагласи премиерот Заев, и додаде дека Северна Македонија ќе биде промотер на регионалната соработка, економската и одбранбената, регионот, рече тој, може да има само полза од нашите евроинтеграции.

Осврнувајќи се на извештајот на Европската Комисија објавен пред да два дена за реформскиот напредок на Северна Македонија, Зоран Заев истакна дека Владата со нетрпение очекува Советот на ЕУ да ја усвои преговарачката рамка и првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на оваа година, под германско претседателство на ЕУ.

-Навистина сме подготвени да се нурнеме во работата за преговорите за членство, порача премиерот Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел, премиерот Зоран Заев гарантираше дека Владата ќе ја приоретизира борбата против говорот на омраза во Северна Македонија.

Запрашан кои се конкретните мерки кои ги планира Владата за справување со овој феномен, Заев увери дека Министерството за правда веќе започнало со активности и консултации со граѓанските организации за утврдување и имплементирање на релевантни законски членови.

-Постои верба дека законодавството тоа го предвидува, но за жал сѐ уште од страна на независното правосудство, тоа се обвинителите и судиите, не се изрекуваат соодветни мерки, можеби постојат причини за тоа или не, но од самите работни состаноци ќе излезе и резултатот дали треба да се оди попрецизно во спроведувањето на мерките, секако со конечна цел за да отстрани или целосно намали ваквата тенденција на говор на омраза или ако има потреба да се смени одреден закон, ние сме подготвени и да го направиме тоа заради тоа што дефинитивно е високо нивото на реакции од граѓаните, а како што знаете ја слушаме јавноста, ние ќе постапиме токму по овие сугестии, рече Заев.

На прашање до каде е истрагата за полициската бруталност против припадници на ромската етничка заедница во Битола, Заев посочи дека се преземени санкции и дека истрага го следи својот тек.

-Во случајот за насилство против граѓанин од ромска етничка припадност санкциите следуваа веднаш и следниот ден, имаме суспендирано полицаец, имаме двајца со мерки казнето, и истрагата на внатрешната контрола продолжува сѐ со конечна цел да се расчисти целиот случај и секако мерките да бидат комплетно, до крај преземени, со конечна цел да се испрати пораката да не се повтори повеќе. Тоа го осудивме веднаш сите во општеството и верувам дека само така е исправно, изјави премиерот Зоран Заев.

Борбата против говорот на омраза и подобрувањето на условите на живот на Ромите се меѓу забелешките и на Европската комисија во овогодинешниот извештај за состојбите и реформскиот напредок за Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот