НАТО го предупреди Пекинг да не ја снабдува Москва со оружје

НАТО знаме
Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска го предупреди Пекинг да не ја снабдува Москва со оружје, додека лидерите на Русија и Кина разговараат во Москва.

„Не видовме никакви докази дека Кина и доставува смртоносно оружје на Русија, но видовме некои знаци дека тоа е барање на Русија и оти тоа е прашање кое кинеските власти го разгледуваат во Пекинг“, рече Столтенберг на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел.

– Кина не треба да обезбедува смртоносна помош за Русија, тоа би значело поддршка на нелегална војна, додаде тој.

Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг денеска почнаа разговори во Кремљ, на самит специјално посветен на конфликтот во Украина и сè поблиските билатерални односи меѓу Пекинг и Москва. Вчера веќе имаа „неформална“ средба која траеше повеќе од четири часа.

Столтенберг на прес-конференцијата рече и дека седум од 30-те земји на НАТО ја исполниле минатогодишната цел да издвојат два отсто од БДП за одбрана, повикувајќи ги сојузниците побрзо да ги зајакнат одбранбените инвестиции.

Тој не спомна за кои земји станува збор, но ги упати новинарите на годишниот извештај на НАТО, објавен денеска.

„Нема сомнеж дека мораме да направиме повеќе и мораме да го направиме тоа побрзо. Темпото што го имаме кога станува збор за зголемување на трошоците за одбрана не е доволно високо, рече Столтенберг. „Во поопасен свет, мора да инвестираме повеќе во одбраната“, додаде тој.

На самитот во Велс во 2014 година, лидерите на НАТО се согласија дека во рок од десет години ќе трошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот