Наташа Неданоска, професорка ама и газдарица на „Пирустија Неданоски“: Селото прави чуда, од човекот ја вади човечноста

Со првото стапнување во дворот на семејство Неданоски во село Рамне, гостите стануваат нивни пријатели. Тука ниту едно доживување не е исто, а меѓу бројните занимации на чист воздух и дегустациите на превкусна традиционална храна, имате можност и да научите да сукате – од Наташа, лично.         

Наташа Неданоска, професорка по македонски јазик и поетеса, со семејството живее во Охрид, но секојдневно е во село Рамне поради обврските што ги имаат таму, поточно поради нивната домаќинска куќа „Пирустија Неданоски“. Со сопругот Васко има два сина, Петар (12) и Христијан (18). Откако ја наследиле старата семејна камена куќа во Рамне, започнала и приказната за ова место, со секое друштво собрано во нивниот двор, со сите семејни прослави кои почнале да ги прославуваат на традиционален начин, в село. Зборот пирустија значи триножно железно столче под кое се ложи жар, а врз кое се ставаат тепсиите и сачот (вршникот). А, бидејќи Неданоски се трудат секое јадење да го адаптираат и приготвуваат на пирустија, името на оваа домаќинска куќа дошло оттука.

– Имаме среќа секоја куќа во Македонија да е домаќинска, по тоа сме препознаени. Епитетот – домаќинска, дојде сам по себе, да се издвои од класичните угостителски објекти. Инаку, конкретно нашата тајна е сите старински охридски градски рецепти да се прилагодат, адаптираат на приготвување на традиционален начин. Можеби тајната е во непосредноста, во споделената енергија, во убавата дружба и спонтаноста – ни раскажува нашата соговорничка Наташа.

Како идеално може да изгледа еден ден на ваш гостин во село Рамне? Со што сè може да се ангажира, вклучувајќи ги и лекциите по сукање и готвење?

– Ние сме дел од платформата „Џенјуин експириенс“ (Genuine Еxperience), каде што го пласираме и лесно може да се резервира нашето искуство. Работиме на принцип на закажување, а тоа значи дека посетителите ќе бидат единствени гости на нашиот имот тој ден.

Најнапред гостите со првото стапнување во нашиот двор стануваат и наши пријатели – оттука започнува чинам сè. Ниту едно доживување не е исто, па и за нас, како и за нив, тоа е посебен ден во кој си разменуваме позитивна енергија.

Најчесто се шетаме низ село, правиме посета до црквата, селските чешми и хидроцентралата. Ја посетуваме семејната бавчичка, а попатно ги поздравуваме соселаните и нивните животинки. Слободно по шумскиот пат собираме диви јагоди, капинки, дренки, муренки, печурки… дишеме чист воздух и ги цениме природата и слободата.

Не е задолжително гостите да се вклучат во сучењето, но дадена е опцијата дека со моја помош од кај нас можат да си заминат со искуство повеќе. Покрај тоа, можат да месат, да сецкаат зеленчук, да го ложат огнот, да донесат јајца од кокошарник, да работаат со сачот и многу други активности за кои ќе пројават желба. Буквално, можат да се вклучат во сè од нашето секојдневие таму. Не може да биде идеално, но се радуваме ако оставиме убав впечаток и луѓето понесат парче од нас.

Во составот на домаќинската куќа имате и фарма, а одгледувате и заленчук. Што сè всушност вклучува производството на Пирустија?

– Сè што произведуваме е наменето за нас и нашата поширока фамилија, а нашите гости имаат можност она што го одгледуваме за своја душа, органски третирано и со посебно внимание, да го вкусат. Садиме она што ни е потребно за изработка на комадите: праз, блитва, спанаќ, но и она што го принесуваме на маса: домати, пиперки, тиквици, кромид, лук, магдонос, морков, цвекло, зелка, грав, грашок, ротквици, краставици… А на фармата одгледуваме прасиња, кокошки, патки, потполошки, зајаци и секако, тука се нашите чувари – кучињата.

Она што може да се најде на „Тезгата на Петар“ се врзопи планинси чај, шишенца рамненска ракија или домашен ликер од ореви, вишни или малинки, тегли со домашен ајвар, пинџур, лутенка и мармалад од сливи или малинки, па и домашни јајца и мед со ореви.

Она што не го произведуваме, го „позајмуваме“ од наши пријатели, како што се полнозрнесто брашно мелено на камени млинови и млечни производи од локални фармери.

Со кои специјалитети од домаќинската кујна може да се пофалите?

– Заштитен знак е нашиот комат, но подготвуваме и: кошмишпите, преснец, питулици, ѓомлезе, охридски ѓевреци, бофчи, леб во црепна… но веќе и џемовите кои ги служиме.

За своја душа си приготвуваме буквално сè на овој начин, сите традиционални јадења (манџи) кои се готват во рерна или фурна, ние ги приготвуваме под сач (чомлек, дивеч, сарми и полнети пиперки, мусака, различни печења). Вкусот е незаменлив!

Од кого го научивте стариот, традиционален готварски занает?

– Имав среќа да потекнувам од влашка и охридска градска фамилија и од двете страни да понесам дел од нивниот домаќински занает. Мајка ми и баба ми се тие кои ми го внесоа кодот за месените јадења. Но, од секогаш ме воодушевувала природата, селото и традиционалниот пристап кон нештата, па од селските домаќинки со сласт го „крадев“ занаетот. Веќе денес можам да се пофалам дека успеав во спојот на сето тоа!

Ковид-кризата веројатно ви стопираше повеќе проекти, на што ќе бидете насочени во 2021 година?

– Во селото еден проект се забавува, друг се забрзува. Ако зборуваме конкретно за пандемијата, ние си продолживме со секојдневните обврски околу фармата, земјата и куќата, па за нас немаше голема разлика. Се разбира, околу гостите и дружбите се почувствува оретченост, но не и одреченост, секако со придржување кон сите пропишани мерки. Како и да е, секој наш посетител во изминатава година, баш поради нејзината специфичност, ни остави парче радост за да презимиме.

По професија сте професор по македонски јазик, пишувате и поезија, како постигнувате да бидете успешни на двете полиња – во развојот на руралниот туризам и во образованието?

– Ја обожавам својата професија и ништо не би ми попречило да ја работам најодговорно. Всушност едното со другото се надополнуваат, ако селото го учи човека на трпение и смиреност, па тоа го пренесуваш на учениците, а нивниот темперамент те воспитува како со гостите.

Поезијата е уште едно бегство во уметноста и своевиден израз на состојбите – пишуваш, облагородуваш, ненаметливо се искажуваш. За неа не е потребно време, само инспирација и поттик и поддршка од мои сакани луѓе да продолжам. Селото прави чуда, од човекот ја вади човечноста.

Какви се вашите прогнози за развој на руралниот туризам во догледно време, и конкретно за вашето село?

– Нашето село е во склоп на Националниот парк „Галичица“. Имаме таква привилегија да живееме опколени со плодни планини, а да го гледаме езерото во чии биодиверзитети живеат многубројни ендемични видови на флора и фауна. На сите нам ни треба обука од ваков тип. Треба да научиме што повеќе да ја сакаме природата, да го вреднуваме она што го имаме и да го зачуваме. Најважно од сè како соселани да си се поддржуваме.

Туризам секако ќе има, се градат нови градби, луѓето сакаат да ги посетуваат селата и како блиско село на градот, низ Рамне поминуваат и пешачки и велосипедски патеки. Прашање е колку ќе успееме да ја зачуваме автентичноста, селскиот амбиент, традиционалниот начин на живот во вистинска смисла и топлината на каменот и дрвото кои пленат.

Како функционира Пирустија во текот на зимскиот период, што е специфично за вашата зима и кога е најидеалното време за посета?

– Сега-засега функционираме од мај до септември, кога времето е подносливо да се седи надвор. Зимскиот период одмораме, што се однесува на приемот на гости, но секако работиме на подобрување на објектот и подготовки за наредна сезона. Но, доколку се случи посета, повторно гостите ќе бидат услужени со зимската варијанта на нашите производи – сè од сопствено производство: туршија, пинџур, ајвар, лутенка, зелка, цвекло, пршки (џимиринки), компоти, ракија, чај, и се разбира- домашно вино!

Заштитен знак е нашиот комат, но подготвуваме и кошмишпите, преснец, питулици, ѓомлезе, охридски ѓевреци, бофчи, леб во црепна, џемови…. Традиционалните манџи кои се готват во рерна, ги приготвуваме под сач – чомлек, дивеч, сарми, полнети пиперки, мусака, различни печења. Вкусот е незаменлив!
Функционираме од мај до септември, но доколку ни дојдат гости во зима, ќе бидат услужени со зимската варијанта на нашите производи – туршија, пинџур, ајвар, лутенка, зелка, цвекло, џимиринки, компоти, ракија, чај, домашно вино.
Не е задолжително гостите да се вклучат во сучењето, но дадена е опцијата дека со моја помош од кај нас можат да си заминат со искуство повеќе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот