Наставниот кадар од повеќе факултети против новата концепција, се жалат дека не се вклучени во новите реформи

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Целиот наставен кадар на Педагошкиот факултетот „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го изнесе својот став во врска со најавените реформи во основното образование, а иако истакнуваат дека се за спроведување на сериозни реформи, сепак порачаа дека не ја прифаќаат наведената концепција, а притоа ги изнесоа и своите забелешки.

„Педагошкиот факултет како високообразовна институција со долга и богата традиција на 73-годишна едукација на воспитувачи и одделенски наставници на македонски, албански и турски јазик, смета дека предложената Нацрт-концепција не може да се прифати поради низа недоследности и решенија чија примена би довела до сериозни проблеми во квалитетот на основното образование, но и во поглед на развојот и на постигнувањата на учениците“, се вели во реакцијата на Педагошкиот факултет.

Според нив, најголемиот проблем е изостанокот на правовремената вклученост на стручни лица во изготвување на концептот, како и недостатокот на потребниот истражувачки период, кој според нив е неопходен за да се направат сериозни промени.

„Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Во истражувачкиот тим кој предлага решенија треба да се вклучат стручни мислења од институционално избрани членови на повеќе нивоа на соодветна стручност. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование“, се додава во реакцијата.

Покрај бројните забелешки, од Педагошкиот факултет инсистираат на тоа дека нема потреба од никакво брзање, односно дека е потребно да се спроведе јавна дебата со почитување на учеството на стручната, но и пошироката јавност.

ИНИ бара од МОН да го повлече Концептот за основно образование: Предметот историја е фундамент на нашиот образовен систем

„Предлагаме најнапред да бидат обезбедени институционални услови таа јавна дебата да се спроведе во атмосфера на заемно почитување и активна партиципација и на стручната и на пошироката јавност во секоја фаза на планирањето, подготовката и спроведувањето на реформите. Нацрт-концепцијата за основното образование не е производ на неопходниот општествен консезус и од овие, како и од многу други причини, не е прифатлива. Би сакале да укажеме и на тоа дека денес во услови на пандемија на светско ниво, кога живееме изолирани едни од други, кога децата речиси една година се дома без физички контакт со наставниците и соучениците, да се форсираат вакви реформи кои бараат тимска работа, споделување на мислења, истражувања, блиска соработка и макотрпна заедничка работа на различни профили и експерти е зачудувачка. Зашто е потребно вакво брзање?“, прашуваат од Педагошкиот факултет.

Со сличен став се и од Природно-математичкиот факултет во Скопје, од каде истакнуваат дека инсистирањето на пристап базиран на брзи промени во наставните планови и содржини ќе биде непродуктивен и штетен за образовниот процес, а посочуваат и дека стручни лица од овој факултет не се контактирани при изработката на споменатиот концепт.

Институт за филозофија: Потребно е повеќе време за да се согледаат сите можни импликации од концептот за основно образование

„За жал, и покрај докажаниот квалитет на Факултетот, кој се гради повеќе од 70 години, при изработката на новата концепција за основно образование не се искористени компетенциите на универзитетските наставници од нашиот Факултет. Согласни сме дека се потребни темелни промени во нашиот образовен систем. Меѓутоа, историјата и искуството покажуваат дека сите промени или реформи креирани од недоволно хетероген круг експерти и подготвени за реализација во многу краток рок, не вродиле со позитивен резултат. Уште повеќе, често по тие реформи, квалитетот на знаењето, компетенциите и вештините на учениците биле на пониско ниво од претходното, што континуирано го покажуваат сите меѓународни и домашни мерења и истражувања од 1999 година досега. За да се направат сериозни и темелни реформи потребна е консултација со сите засегнати страни и доволно време за анализа и подготовка. Цениме дека временскиот период за почеток на имплементацијата од следната учебна година (2021/2022) е премногу краток. Тоа значи дека за целосна подготовка има период од само 8 месеци, во којшто треба да се подготват не само нов наставен план и програми по сите предмети, туку и литература која ќе се користи при нивно изучување“, се вели во отвореното писмо на ПМФ.

Експертската јавност и натаму поделена, не стивнуваат реакциите за понудениот концепт за основно образование

ВМРО-ДПМНЕ бара национален став за реформите во образованието

ВМРО-ДПМНЕ бара градење на национален став на темата реформи во образованието, односно креиерање на нов концепт по опсежни консултации со сите засегнати страни.

– Предложениот концепт веднаш да се повлече и да се пристапи кон креирање на нов после опсежни консултации со сите релевантни фактори во образовниот систем. Да се напушти концептот на интегрирање на предмети особено на предметите историја и географија. Предлагаме да се формира работна група од сите релевантни чинители во образовниот систем, вклучувајќи ги и стручните тела на политичките партии кои ќе го земат во предвид следното:  Реформата во образованието да почне со изработка на нови наставни програми, учебници и материјали за наставниците. Новите учебници да содржат интегрирани теми и содржини од сите предмети. Да се изработат и дигитализирани учебници и наставни материјали по сите предмети – рече Јаневска.

Таа предложи да се посочат дополнителни материјали и референци кои наставниците ќе ги користат како проверени извори при реализирање на наставата.

– Треба да се обезбедат просторни и материјални услови за започнување на реформата. Предлагаме во првиот период да се посветите на тоа. Реформата да започне со инплементација кога ќе се исполнат сите горе наведени услови – посочи Јаневска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот