Наставничка од СЈО дознала дека донирала пари за ВМРО-ДПМНЕ

Пет години веќе работам во основното училиште „Марко Цепенков” во скопското село Зелениково. Во 2011 година немам уплатено 60.000 денари на било која политичка партија. Немам дадено ни пари на друго лице да уплати во мое име. Кога бев повикана во СЈО прв пат дознав дека јас сум донирала 60.000 денари за ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска во судница го изјави наставничката Даниела Груевска, сведок во судскиот предмет „Титаник” кој денеска се одржува во Кривичниот суд во Скопје.

Минатото рочиште за овој предмет се одложи заради отсуство на обвинетиот Кирил Божиновски. Овој случај е во фаза на презентација на сведоци.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот