Наставата со физичко присуство е голем ризик, учениците мора да имаат избор!

Средношколци ученици Македонија коронавирус ковид-19
Средношколци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Учебната година со физичко присуство претставува висок ризик по здравјето, како за децата така и за вработените и за семејствата, поради несоодветниот начин на организирање на наставата – оценува невладината организација „Меѓаши“ – Прва детска амбасада, во јавното обраќање до Министерството за образование и наука.

„Меѓаши“ бара МОН да воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и за вработените во училиштата и да се организира онлајн настава, а се спротивставува на задолжителна вакцинација на децата и на малолетниците, што треба да биде одлука на родителите и на старателите.

– Посебно сме погодени од сознанијата дека одредени директори на училишта не ја преземаат својата обврска да организираат онлајн настава за ученици што тоа го побарале официјално од училиштата, но и за оние што поради карантин се приморани да отсуствуваат од училиште повеќе од две недели – укажува невладината организација и ги предупредува надлежните дека имаат законска обврска на сите деца да им се обезбеди непречено следење на наставата.

– Очекуваме да се отпочне расправа во најскоро време за да се направат потребните измени во Законот за образование и на родителите да им се даде можност за избор за учење од дома – повикуваат од „Меѓаши“.

Според оваа организација, МОН продолжува со кршење на основните права на децата исклучувајќи ги од наставата сите деца со посебни потреби, за кои државата има преземено обврска од оваа учебна година да обезбеди обучени асистенти.

– Помина речиси половина од првиот месец, а семејствата и децата се исклучени од можноста да посетуваат настава што е недозволиво во општество кое претендира да ги следи трендовите за развој и образование во 21 век – велат од „Меѓаши“.

Организацијата го критикува МОН и за недоволна транспарентност во поглед на бројот на активни случаи во училиштата, што, како што оценува, дополнително ги зголемува сомнежите и вознемиреноста кај родителите.

На реакцијата на „Меѓаши“, министерката Мила Царовска вчера одговори дека МОН постапува по планот и протоколите што се поставени од Комисијата за заразни болести.

– МОН не одлучува ниту за тестов ниту за протоколи, а сметам дека здравствените власти покажаа дека ја водат пандемијата и успешно се справуваат со неа и токму затоа продолжуваме да ги следиме инструкциите на Комисијата за заразни болести – рече Царовска.

Таа не се согласи ниту со тврдењата дека МОН е недоволно транспарентно и објави информација дека од 240 илјади ученици што наставата ја следат со физичко присуство, 0,2 отсто се активни случаи на заразени со ковид-19. Во понеделникот биле регистрирани нови 50 ученици заразени со коронавирусот, односно 0,02 отсто. На прашањето колку ученици во моментов се во изолација, Царовска рече дека како министер не е надлежна да зборува за бројка на изолирани и дека за тоа е надлежен Центарот за јавно здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот