Приходите од кирии електронски да се пријават најдоцна до 10 февруари

Приходите од кирии електронски да се пријават најдоцна до 10 февруари

727
SHARE
Фото: Борче Поповски

Навремено регистрирајте се како корисник на системот е-персонален данок, за да можете до 10 февруари 2018 година да поднесете електронска пресметка (е-ППД) за приходите од кој било вид што ќе ги остварите од други физички лица во земјата или од странство во текот на јануари 2018 година, апелираат од УЈП.


Весна Дамчевска

 

Пријавувањето даночни обврски по шалтерите на УЈП станува минато. Веќе е активна електронската страница е-пдд.ујп.гов.мк на која може да се регистрираат сите граѓани што покрај плата и пензија, остваруваат и други дополнителни примања.

Електронската регистрација е задолжителна и што поскоро треба да ја направат граѓаните што издаваат станови или деловен простор под кирија, или пак, остваруваат некој месечен приход од други граѓани за извршени услуги, или пак, имаат примања од странство. Тие, постапката на пријавување приходи за овој месец треба да ја завршат најдоцна до 10 февруари.

„Навремено регистрирајте се како корисник на системот е-персонален данок, за да можете до 10 февруари 2018 година да поднесете електронска пресметка (е-ППД) за приходите од кој било вид, кои ќе ги остварите од други физички лица во земјата или од странство во текот на месец јануари 2018 година. На пример, доколку имате тековен договор за издавање имот или имотно право под закуп на друго физичко лице, врз основа на кој ќе остварувате приходи од закупнини во 2018 година, првата пресметка е-ППД треба да ја поднесете до 10.02.2018 година преку системот е-пдд.ујп.гов.мк“, објаснува УЈП во брошурата „Пресметување и плаќање на е-персонален данок на доход“.

Барањето мора лично да се однесе

Прв чекор во пријавувањето, според брошурата, е регистрацијата на корисникот. Со самата регистрација се генерира пополнето барање, кое треба лично да се однесе во УЈП .

„Службено лице од УЈП ќе ја верифицира вашата регистрација на системот е-персонален данок, по што на вашата пријавена е-пошта ќе ја добиете вашата лозинка“, пишува во брошурата.
На овој начин треба да се пријават плати и пензии од дипломатско-конзуларни претставништва во странство ако исплатувачот нема таква обврска, приходи од закупнини, од капитални добивки од хартии од вредност и од продажба на недвижен имот.

Практично, веќе нема да има аконтативни пријави што граѓаните ги носат на шалтери. Сè ќе се прави електронски.

„Означете го и начинот на наплата на закупнината: месечно или еднократно. Прикачете ги задолжителните докази: договорот за закуп, како и доказот за стварните трошоци доколку сте избрале таков вид, а можете да прикачите и други (незадолжителни) докази. Врз основа на сите внесени податоци, автоматски ќе се креира е-ППД за остварениот приход од закупнина.

Доколку остварувате приходи од имот и имотни права по договор, кој има континуирано траење и плаќањето на закупнината е месечно, како составен дел на Рекапитулацијата ќе добиете налози ПП 53 за плаќање месечни аконтации на персоналниот данок“, пишува во прирачникот на УЈП.

Фирмите сами пријавуваат, пазарџиите добиваат е-решение

Хонорарната работа кај физички лица, исплата на К-15, добивки на игри на среќа и други приходи, должни се да ги пријават фирмите исплатувачи, а врз основа на сите податоци, од УЈП, наредната година до граѓаните ќе пристигне електронски пополнетата годишна даночна пријава на персонален данок на доход.

Што се однесува до производителите на земјоделски производи, до крајот на месецот, на повеќе локации што се наведени на страницата на УЈП, ќе се вршат обуки за земјоделците. Притоа, ако тие ги продаваат своите производи на фирма, таа за нив е должна да пријави и пресмета персонален данок на доход. Ако, пак, продаваат на тезга, УЈП ќе го утврди паушалниот износ на приходот врз основа на податоци што ги добива од организаторите на зелените пазари, ќе го пресмета данокот и електронски ќе достави решение за утврдување аконтација на персоналниот данок.
Но, годишната даночна пријава за првпат електронски ќе почне да се применува во 2019 година. Годинава, по електронски пат ќе се собираат податоците за таа годишната пријава, која практично ќе ја состави УЈП. За сите приходи остварени во 2017 година, пријавувањето ќе биде по старо – на шпалтер до 15 април.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY