ИНТЕРВЈУ Мила Царовска: Го отшрафуваме системот за да го поставиме на здрави...

ИНТЕРВЈУ Мила Царовска: Го отшрафуваме системот за да го поставиме на здрави нозе

1230
SHARE
Фото: Борче Поповски

Последните случаи на злоупотреба на малолетни деца покажаа дека институциите за згрижување на децата, како и целиот систем за социјална заштита е тенденциозно разрушуван и дека треба од корен да се промени,  вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во интервју за „Слободен печат“, која најавува сосема нов систем што ќе значи вадење на децата од институциите и нивно згрижување во мали семејни заедници.

Таа најавува дека од почетокот на наредната година ќе почне да се имплементира целосно нов Закон за социјална заштита, со кој ќе се зголемат социјалните трансфери, но на начин што најдобро ќе бидат згрижени најсиромашните. Таа најавува и новa реорганизиција на центрите за социјална заштита и нов Закон за работни односи. Царовска уверува дека пензискиот систем е стабилен иако Фондот за пензиско и инвалидско осигурување постојано се сервисира од државата. Сега, вели Царовска, го отшрафуваме системот за да може да го поставиме на здрави нозе.

Јавноста беше згрозена од сознанијата за злоупотреба на малолетници згрижени во институции. Зошто тоа се случува, за кого ќе има санкции?

– Засега се истражуваат три случаи, девојчето  Р.И. и две сестри што од домот „25 Мај“ си заминале во 2015 година. Само наивните може да кажат дека не знаеле дека ова се случува. Системот вака функционирал со години и ги дава овие ефекти, тоа не е ниту е ново ниту е незнајно. Но за одговор на овој тип насилство и негрижа за децата не е виновна само една институција, туку мора сите да се повикаат на одговорност. Директорот на домот „25 Мај“ си поднесе оставка, но тоа секако не го амнестира од одговорност. Инспекцискиот наод покажа кој, каде и како потфрлил и ќе има прекршочни и кривични пријави. Прва инстанца на одговорност е на ниво на старател-родител, а старател е стручното лице во Центарот за социјални работи. Кога детето ќе му каже на старателот дека нешто се случило, ако тој не пријави, има кривична одговорност. Во овие случаи се утврди дека има моменти кога се пријавило дека има проблем, а детето било вратено кај родителот за тој да ја води постапката иако со судска одлука му е одземено родителското право, тука е најголемото прекршување. Потфрлањето на вработените во центрите за социјални работи не ги амнестира и другите институции во своите редови да ги испитаат работите, зошто се чекало толку време да се поднесе пријава до ОЈО и зошто ОЈО не покренало ништо.

Институциите за згрижување на децата од кадровски аспект навистина се донесени на минимум капацитет, а и кадарот што го има, не е доволно посветен на работата со децата, што може да се види и од досиејата на децата.

Системот за социјална заштита е тенденциозно разрушуван, а моја главна цел како министерка за труд и социјална политика е да изградам ефикасен и хуман систем. За да го постигнеме тоа, потребно е да се направат реформи на кои работиме откако јас и мојот тим сме дојдени во министерството и овој потрес што се случи во јавноста оди во прилог на политиката што ја креираме, политика за деинституционализација. Кога барав поддршка за оваа реформа, многу тешко се добиваше, но сега сите луѓе разбраа зошто тие големи институциите се застарен модел за згрижување деца што треба да се промени. Во март треба да донесеме Стратегија за деинституционализација, во која ќе вклучиме  трансформација на „Ранка Милановиќ“ и на „25 Мај“, но и на другите домови за згрижување, како оној во Демир Капија и Бања Банско. Извлекувањето на децата од ова колективно живеење и сместувањето во мали групни домови дава можност да се работи еден на еден со тие деца, да имаа поддршка надвор 24 часа и да имаат модел на родител, што големите институции ниту го нуделе ниту го нудат.

Првиот човек на Детската амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац, рече дека „25 Мај“ е регрутен центар за малолетничка проституција. Како го коментирате овој став?

– Тоа е многу тешка изјава и сметам дека ЈО треба да го повика на распит и тој да каже кои се деталите што ги знае. Tреба да каже, ако имал такви информации, зошто досега не пријавил, затоа што ако не пријавите, вие сте соучесник. Дали Домот бил регрутен центар, треба да каже ОЈО, а јас немам информација дека внатре се креирала ситуација за да бидат децата подведувани. Ако имав таква информација, јас лично ќе поднесев кривична пријава. Според нашите сознанија, но во ниту еден случај како злоставувачи или подведувачи не се посочуваат вработени во центрите. Условите во овие институции секако не се најдобри,  но да кажеме дека сите деца се уништени е стигма за веќе стигматизираните деца. Имаме позитивни примери, кои се ресоцијализирале, завршиле високо образование, се вработиле, но имаме деца што од различни причини не успеале да се справат со социјалните ризици.

Имаше забелешки дека во домот „25 Мај“ на едно место живеат и децата со воспитно-социјални проблеми како и оние со судски мерки, што е недозволиво?

– Тоа се изјави на луѓе што не ги посетиле институциите  и не знаат како функционираат. Домот „25 мај“ се наоѓа во населбата Бутел и таму се сместени деца со воспитно-социјални проблеми. „Ранка Милановиќ“ се наоѓа во Аеродром, што значи дека установите се физички одвоени една од друга, значи и децата се физички одвоени. Она што ги спојува е заедничка управа, односно еден директор. Во изминатите 10 години раководството од ВМРО-ДПМНЕ го искраде домот „Ранка Милановиќ“, поради што е згаснат како правен субјект.

Што предвидува Стратегијата за деинституционализација, како ќе се организира грижата за децата, како ќе функционира она што го нарекувате мал групен дом ?

– На половина од годината очекуваме првите деца да излезат од институциите не само од „25 Мај“ туку и од другите во Демир Капија, Бања Банско, затоа што секаде се прекршуваат човековите права. Мал групен дом е станбена единица, во која живеат пет деца со социјален ризик со поддршка на стручни лица, воспитувач, негувател, психолог, дефектолог, и се во постојана комуникација со централната самоуправа, училиштата, со центрите за социјална работа. Во однос на средствата за реализација на деинституционализација, во Буџетот за првпат имаме целосна линија за оваа намена во висина од 25.173.000 денари, но не сме сами во приказната, тука имаме поддршка од УНИЦЕФ и од УНДП и Техничка помош од ЕУ. Сето ова е комплексно, бара покренување цела машинерија за да почне да функционира, но земјите што го постигнале, дале многу поголем квалитет на социјална заштина.

Премиерот Зоран Заев рече дека дупката во ПИОМ оваа година е 500 милиони евра, а јавноста е под постојан притисок дека нема да има пари за пензии. Оправдан ли е овој страв на идните и на сегашните пензионери?

– Сакам да потенцирам дека пензиите и пензискиот систем се стабилни и дека средства за пензиите се обезбедени и тие ќе бидат редовно исплаќани без исклучок. Она на што работиме заедно со Министерството за финансии е да се изгради пензиски фонд што е независен од буџетски средства. Тука ќе излеземе со пакет мерки што ќе дадат ефекти на среден и на долг рок околу обезбедување на тоа ПИОМ да не зависи од буџетските средства. Мерките што ќе ги предложиме, ќе бидат отворени за јавна и за експертска дебата. Дупката почнува да расте во 2009 година кога изнесува 9 милијарди денари, додека денеска е 30 милијарди денари. Ова, пред сè, се должи на тоа што се намалува стапката на придонеси, без притоа да имаме зголемувања на бројот на вработени, како би се надоместила разликата што се создава. Ова е целосно промашена мерка. Незаконски се зголемуваат пензиите, паушално, и се креираат активни политики за вработување што ги празнат фондовите бидејќи се ослободени од плаќањето на придонеси. Затоа и Фондот е во ваква ситуација. На сите идеи кои се зборуваат во јавноста, се можни многу варијации, на пример на една група да им се дозволи да одат подоцна во пензија, а на друга да одат порано. Но најдобро е да се подготви целиот пакет, па потоа да се дискутира. Комплицирано е и наеднаш да се врати назад стапката на придонеси. Едно нешто не дава резултати, мора да се договори пакет што ќе направи системот да не зависи од политичката  волја.

Каква ќе биде судбината на мерките на поранешната влада како онаа за трето дете?

– Оваа мерка, освен што е прескапа, не дава никаков демографски ефект, зголемувањето на наталитетот е 0,05 проценти. Во услови на немаштија, невработеност и несигурност на работното место, жените тешко се решаваат да имаат повеќе деца. Оваа мерка е и неправедна за социјалниот систем, зашто имате социјална парична помош за луѓе што немаат ни за леб, и тоа за четиричлено семејство некаде околу 5.000 денари, а имате 8.000 денари само за едно лице, независно од тоа дали приходите во семејството се 1.000, 3.000 или 80.000 евра. Мора да се размислува во насока на обезбедување праведност на социјалниот систем. Со новиот Закон за здравствена заштита и минимум адекватен приход ќе се постигне тоа. Ги таргетираме најсиромашните и најзагрозените. Оваа мерка ќе се развие ќе се однесува за повеќе луѓе и ќе се вика детски додаток.

 Децата што питачат, најкомплексно прашање

Ако го одземете родителското право на оние чии деца питачат, не го решавате проблемот, родителот оди во затвор, а детето се чувствува полошо. Голем дел од оние луѓе што ја ги познавам, си ги сакаат децата, но питачењето им е единствен начин за егзистенција. Некои велат, тргнете ги децата од улица, но зошто, за да не ги гледаме ли? Мислам дека треба да ја смениме перцепцијата, бидејќи тие се наши граѓани, кои живеат така како што живеат зашто општеството не им создало услови за подобар живот.

Другиот аспект е дека има и организирани групи, кои ги злоупотребуваат децата. Надлежните институции треба да ги гонат тие групи. Нема земја што го решила ова прашање, па и најбогатите земји имаат деца што питачат по улица. Најважно е зголемувањето на социјалната помош, активација на родителите и создавање соодветни услови за живеење. Дури тогаш може да им кажеме дека, ако го извадат детето на улица, ќе одговараат кривично. Не го оправдувам одземањето на родителското право на родител што питачи со своето дете, ако државата не му пружила ништо да се промени тоа – вели Царовска.

Мими Шушлеска Петкова

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY