Наследство достојно за почит – 50 години македонски анимиран филм

Истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски отвори простор да се креира настан со кој од 10 до 22 ноември во Младинскиот културен центар се одбележуваат 50 години македонски анимиран филм.

Уште во текот на второто издание на фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ авторите на истражувањето Иван Ивановски и Слободан Јаќоски направија презентација на проектот „Македонски анимиран филм“.

Преку истражувањето стигнале до податокот дека оваа година се навршуваат 50 години од „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата што ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години на минатиот век, создавајќи извонредни филмови што учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин.

– Пред речиси две години со Слободан Јаќоски го почнавме истражувањето со цел да ја откриеме историјата на македонскиот анимиран филм. Проектот го реализираме преку Друштвото на филмските работници на Македонија во партнерство со Кинотека на РС Македонија и „Вардар филм“, со кои имаме добра соработка. Како автор почувствував потреба да го откријам историскиот контекст во кој се развивал македонскиот анимиран филм, зашто ретко кој знае дека имаме наследство достојно за почит, дека постоела „Скопската школа на анимиран филм“, награди од фестивалите во Оберхаузен и Анеси, Монтре и Берлин итн. Затоа почнавме со истражување и „копавме“ во архивите на Кинотека на РСМ, „Вардар филм“ и во приватните и фамилијарните архиви на авторите.

Афродита Марковиќ во студио за анимација

Преку разговори, интервјуа, реминисценции со современиците, како и преку рефлексиите во критиката и печатот се обидуваме да го откриеме и доловиме духот на времето. Во тој временски период се реализираат повеќе од 50 филмови од девет автори што професионално се занимаваат со анимиран филм. Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на филмовите, ова може да се смета за Златната доба на македонскиот анимиран филм. Исто така, имаме околу 20 филмови направени од ентузијасти што наоѓаат алтернативни начини на продукција, најчесто преку филмските киноклубови. За овој сегмент остануваме должни да го обработиме и систематизираме во иднина – објасни Иван Ивановски.

Во рамките на настанот е поставена изложба со артефакти, имаше проекција на филмови и разговори со автори од постарите и новите генерации, а отпечатена е и публикацијата „Македонски анимиран филм 1971-1991“.

Публикацијата ги содржи „досиејата“ на авторите Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михаjлов, Мирослав Грчев, Славољуб Игњатовиќ, Мице Јанкуловски, Милутин Рогановиќ и Афродита Марковиќ, како и информации за соработниците вклучени во процесот на создавање на анимираните филмови, исцрпен осврт на Благоја Куновски и текст од Иван Ивановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Видео на денот