Наскоро во употреба реконструираниот пат Битола – Нижеполе – Ски центар „Стрежево“

Зоран Заев/Фото: МИА

Ова е особено важно и за развојот на зимскиот туризам, рече премиерот Зоран Заев

Во наредните денови по техничкиот прием ќе биде пуштен во употреба реконструираниот регионален пат Битола – Нижеполе – Ски центар „Стрежево”. Реконструкцијата на овој пат е во должина од 5,5 километри, а според премиерот Зоран Заев, граѓаните од Битола и регионот сега имаат лесна врска со рекреативните локации под Пелистер, како и со ски центарот „Стрежево”.

Реконструкцијата на патот чини 36 милиони денари од буџетот на државата, а ширината на патот сега изнесува 6 метри според сите стандарди за оваа категорија патишта.

-Ова е особено важно и за развојот на зимскиот туризам дополнително и заради фактот што Јавното претпријатие „Стрежево” одговара на барањата на љубителите на зимските спортови овозможи и ноќно скијање на своите терени, истакна Заев, кој денеска беше на увидот на реконструираниот регионален пат.

Тој додаде дека Подпелистерскиот туристички центар бележи силен напредок во селскиот туризам, кој, како што рече, станува сé поатрактивен за голем број странски туристи и тоа е потенцијал кој носи и сериозни придобивки за локалното население и за локалната економија

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска на увидот на патот посочи дека развојот и унапредување на патната мрежа е приоритет, за што се планирани инвестиции од преку една милијарда евра заради забрзан економски развој на државата и општините, особено во оние каде што туризмот е од особено значење за развој на локалната економија.

-Уверуваме дека поддршката продолжува во континуитет и заеднички со локалната власт ќе реализираме проекти за развој на Битола и цела Пелагонија. Ова го зборувам од причина што огромен број на средства алоцираме за развој на регионот. Се работи на проекти во патната мрежа, во комуналната инфраструктура, во гасификацијата, нагласи Бочварски.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска на увидот информираше дека со реконструкцијата на патниот правец кон Нижеполе, паралелно се врши и реконструкцијата и на патниот правец Трново-Магарево и се постави канализациска мрежа и пречистителна станица.

-Со ова се затвора една успешна приказна на развој на туризмот во Потпелистериоето, овозможувајќи им на жителите на овие села, но пред се на туристите и посетителите, поквалитетна животна средина и хигиенски третман на околината, без испуштање на отпадните води во околните реки, додаде Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот