Наскоро реконструкција на плочникот и ново зеленило кај Зелен пазар

Плочникот кај Зелен пазар наскоро ќе се реконструира, а ќе се засади и ново зеленило на овој простор. Градоначалникот Горан Герасимовски најави дека Општина Центар изработува проект за уредување со нови зелени површини на места каде сѐ уште повремено стојат дивите препродавачи и за менување на искршените плочки на дотраениот плочник.
Во моментов едната површина е ископана и се подготвуваме да ја зазелениме, а планирано е во текот на викендот да се продолжи на другите зелени површини. Дополнително како општина направивме и проект за урбанизирање на цел овој појас во делот на зеленилото, еве и еден плочник кој со години не е реконструиран и тоа е ставено во програмата, набрзо истиот ќе биде реконструиран од страна на општината и разубавен овој дел од Општина Центар – рече Герасимовски.
Тој нагласи дека по засилените инспекциски контроли јавната хигиена на потегот околу зеленото пазарче е на повисоко ниво.
Имаме многубројни поплаки од страна на станарите, граѓаните за тоа што се случува на зелениот пазар. Подигната е како што гледаме изминативе неколку месеци хигиената на повисоко ниво. Нашите хигиеничари се секојдневно на терен и се обидуваме да воспоставиме и воспоставуваме ред во делот на дивите препродавачи. Не е толку голем проблем продавањето на цвеќиња и зеленчуци од страна и надвор од пазарот поголем проблем е узурпирање на зелените површини и продавање на сѐ и сешто дополнително и во парковите, изјави Герасимовски.
За решавање на проблемите и потребите на граѓаните со живеалиште околу овој појас Герасимовски рече дека засилените инспекторски контроли продолжуваат и во следниот период. Тој потенцираше дека засилените надзори резултирале со 30 отсто повеќе казнени прекршоци, но и видливи резултати.