„Насилството раѓа насилство, сопри го, не го разгорувај“ кампања за стопирање на меѓуврсничко насилство

Под мотото „Насилството раѓа насилство“ денеска започна кампања за спречување на насилството од каков било вид, со посебен осврт на меѓуврсничкото насилство и говорот на омраза, на Агенцијата за млади и спорт и Министерството за внатрешни работи, во која се вклучи и Градот Скопје.

За активностите што се преземаат како дел од оваа кампања денеска на прес-конференција зборуваа градоначалникот Петре Шилегов, заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

– Мотото на оваа кампања е „Насилството раѓа насилство – сопри го, не го разгорувај“, а токму тоа е и целта на кампањата, да се подигне свеста кај учениците во средните училишта да изградат активен однос кон спречувањето на насилството, првично преку негово препознавање, морална осуда на насилството во сите негови видови и форми, мерките за заштита од насилство, како и разбирање за штетните последици од насилството. Оваа кампања ја поврзавме со проектот „За безбеден град“ во кој Град Скопје преку средните училишта се приклучи минатата година со цел, меѓу другото, активно да се влијае на намалување на насилството во средните училишта. Во таа насока интензивно веќе втора година по ред  во училиштата се организираат работилници и трибини за намалување и спречување на насилството меѓу учениците. Веќе во сите средни училишта се формирани тимови за безбедност составени од педагог/психолог, претставник од Советот на родители, претставници од СВР, професори, ученици и обезбедувачи. Тимовите имаат задача да ги детектираат можните причини за појава на насилство и да делуваат превентивно – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Дарко Каевски од Агенција за млади и спорт, упати јасна и недвосмислена порака до сите млади. Никогаш, ама апсолутно никогаш да не предизвикуваат, да не поттикнуваат и да не потпалуваат ситуации, каде на крајот сите ќе бидат губитници. Таквото однесување, како што рече Каевски, е неприфатливо за сите, а особено не за младите.

-Светската Здравствена Организација потенцира дека насилството има долгорочни последици на психичкото и физичкото здравје кај младите. Жртвите на насилство често не го пријавуваат нападот, сведоците понекогаш одбиваат да преземат нешто, и поради заедно мораме да го запреме тоа и да го искорениме уште во самиот почеток и самиот страт, рече Каевски.

ЈСП Скопје промовираше и брендиран автобус со пораката на кампањата, со што стана активен субјект во нејзина промоција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот