Нашите во Германија, Пакистанците кај нас

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Истите грешките во врска со пазарот на трудот се повторуваат од осамостојувањето до денес. Но, сега лекот е најден – нашите работници ќе ги испратиме во Германија, во Хрватска, во Америка… а на нивно место ќе донесеме од Пакистан, Индија, Авганистан… Фер замена, нема што!

Движењето на работната сила е едно од демократските права во пазарна економија, во слободата на општа мобилност. Токму таа мобилност создава конкурентност помеѓу земјите и на некој начин е коректор на пазарот на труд во националните економии. Секоја земја, сепак, има механизми за заштита на својот пазар на труд. Но, она на што сме сведоци е дека во националните економии низ цела Европа попуштаат критериумите и тие се пошироко ги отвораат вратите за странски работници. И Македонија го најавува тоа.

Веста дека годинава конечно ќе се направи нешто за увозот на работна сила, што ја соопшти вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и најавата на претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, дека веќе се преговара работници од Пакистан да дојдат во Македонија, во јавноста се прифати дијаметрално спротивставено. За стопанствениците тоа е одлична вест – конечно ќе може да најдат работници затоа што веќе почнаа да откажуваат зделки, бидејќи нема кој да работи. Но, за работнциците, па и за невладиниот сектор кој се бори за работничките права, ова е застрашувачка вест. Тие оставаат многубројни коментари под објавите за увоз на работна сила. Главното обвинување е дека работодавачите премногу профитирале и давале ниски плати, па затоа и не може да најдат работници. Коментарите одат и во насока дека ќе се донесат работнци кои ќе работат за уште помали плати.

Вистината секогаш има многу лица. Во денешно време кога информацијата се пренесува во секунда, кога целиот глобален пазар на труд е на дланка и кога во Македонија стигнуваат огласи за работа во Хрватска, во Германија и во други развиени држави, очекуван е одливот на работна сила. Ние не сме земја што може да плати како Германија или Швајцарија. Реално, во глобалниот тренд на мобилност, кога секој бара земја во која трудот повеќе се плаќа, ние не можеме да влијаеме. Но, за тоа што сега кај нас нема доволно квалификувана работна сила, виновници има многу.

Кога имаше енормни стапки на невработеност и додека се уште европските земји не ги отворија така ширум вратите за странската работна сила, стопанствениците себично не сакаа ништо од профитот да делат со работниците. Колку за потсетување, минималната плата во 2012 година беше 8.000 денари, а при секое спомнување таа да се покачи армија газди зборуваа дека нема да може да опстанат и дека ќе стават клуч на врата. Но, еве, минималната плата е 18.000 денари, а фирмите се уште работат. Само што во меѓувреме стотици илјади работници се отселија, барајќи подобра плата. Но не само плата, туку и услови за работа, можност да им обезбедат иднина на децата итн., итн.

Сега работдавачите се жалат дека не само што не може да најдат работнции, туку дека нема ни работна дисциплина, со што потфрлува продуктивноста и квалитетот на сработеното. И тоа е точно. Се создаде една општа „стратегија“ да се дојде до леб без мотика. Колку, на пример, вработени во јавниот сектор земаат плата, а не одат на работа или одат, ама не за нешто да сработат (додуша некаде нема ни место кај да седнат)? Во таква атмосфера, дефинитивно се шири една лоша психоза, се испраќа лоша порака за младите и за оние кои треба да работат.

Од друга страна, какви се приказни не се изнаслушавме за однесувањето на газдите – од тоа дека не им дозволуваат на работниците ни до тоалет да отидат до тоа дека бараат вработените да им вратат дел од парите од минималната плата и од К-15. Секако дека не се сите работодавачи такви, но и сите го плаќаат цехот на колективното деградирање на пазарот на работната сила. Тоа што кај нас нема доволно стручни кадри е друг проблем. Поразителен е податокот дека повеќе од половина од оние што активно барат работа немаат ниту средно училиште. Според ноемвриските податоци, од 113.547 активни баратели, кои секој месец се пријавуваат во Агенцијата за вработување, дури 69.320 граѓани немаат завршено средно образование, а од нив дури 58.840 се без образование или само со основно! Уште попоразителен е податокот што, како што велат работодавачите, и тие што доаѓаат со дипломи не се образовани како што треба (да не ги спомнуваме учебниците и сите скандали што ги видовме во нив).

Истите грешките во врска со пазарот на трудот се повторуваат од осамостојувањето до денес. Но, сега лекот е најден – нашите работници ќе ги испратиме во Германија, во Хрватска, во Америка… а на нивно место ќе си донесеме од Пакистан, Индија, Авганистан… Фер замена, нема што!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот