Нашите ученици во Турција се од западна Македонија, чекаат евакуација

Фото: EPA/EFE / YAHYA NEMAH

Групата од осуммина македонски државјани кои биле во турскиот регион погоден од разорниот земјотрес, се средношколци, ученици од Техничкото училиште во Гостивар, кои се од градот, од Тетово и од Маврово- Ростуше. Тие со ментор, преку програмата „Еразмус +“, престојувале во градот Кахраман Мараш, еден од најпогодените во денешната катастрофа.

„Од она што денес можев да го дознаам, станува збор за ученици од училишта од Западна Македонија, односно од општините Гостивар и Маврово и Ростуше. Навистина не можев да дознаам која е невладината организација од Гостивар која го работи проектот. И јас преку целиот ден како вас се обидувам да дознаам што повеќе информации, како се децата во Турција, но и како нивните семејства тука ги преживуваат овие тешки моменти, вели Марко Георгиевски директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност“, изјави за ТВ „Алфа“ Марко Георгиевски, директорот на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи попладнево изјави дека осуммина наши државјани биле во областите каде се случи катастрофалниот земјотрес во Турција, од кои двајца се повредени.

-Денеска цел ден работевме на ова прашање, нашите претставници од Северна Македонија контактираат со Амбасадата во Анкара и со Генералниот конзулат во Истанбул, така ги добивме информациите по однос на наши граѓани што се наоѓале на локациите каде што се случи земјотресот, стапија и во комуникација со нивните семејства. Според тие информации осум наши државјани биле на тие локации, од кои двајца се повредени, едниот со потешки повреди врз кој е направена хируршка интервенција, рече Османи, на прес-конференција по Конференцијата за антисемитизам.

Тој изрази уверување дека нашите дипломати веќе се пристигнати на локациите и оти ќе имаме поточни информации тогаш.

Најави дека Владата ќе одржи вонредна седница во 17 часот, на која, како што рече, МНР прво ќе информира за расположливите информации што ги имаме од таму, меѓутоа, и ќе предложи заклучоци по однос на директна помош и координација на помош што Владата може да ја даде и веднаш да ја упати до Република Турција.

Османи кажа и дека денеска комуницирал и со турскиот министер за надворешни работи кому му изразил сочувство за трагичниот настан, додавајќи дека како што ги собираме информациите, така јавноста ќе биде информирана.

Според најновите податоци во денешните два земјотреса во рок од 12 часа што ги погоди Турција и Сирија, загинале повеќе од 2.000 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот