Нашите институции поим немаат дека Македонија е лидер во извоз на фалсификуван алкохол

фото: Википедиа

Царинските служби во Европската Унија спречиле влез на фалсификувани и опасни производи на европскиот пазар во вредност од 740 милиони евра во текот на 2018 година. Фалсификуваните алкохолни пијалаци во најголем дел доаѓаат од Северна Македонија, соопшти минатата недела Европската Комисија.

Во врска со веста дека Македонија е лидер по извоз на фалсификувани алкохолни пијалоци, „Слободен печат“ побара информации од надлежните институции кај нас (Царинската управа и Министерството за внатрешни работи, Државен пазарен инспекторат и Државен завод за индустриска сопственост), како е можно овој вид на стоки да бидат излезени од нашата земја, дали некој вршел контроли и зошто тие уште од тука не биле спречени да стигнат до предвидената дестинација.

Од Царинската управа, во врска со нашите прашања не информираа дека во моментов чекаат дополнителни податоци од авторот на извештајот за тоа од каде се црпени податоците и за колку заплени станува збор. Оттаму ни потврдија дека кога ќе ги добијат податоците во текот на неделата ќе можат подетално да ни одговорат на прашањата, кои се уште ги чекаме.

Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека тие не се во надлежност во врска со оваа тематика, единствено истакнаа дека доколку на граничните премини забележат некоја ваква активност, тие ги информираат царинските службеници кои ја превземаат работата и започнуваат постапката во врска со ова.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт и со надлежните во Државниот пазарен инспекторат и Државниот завод за индустриска сопственост, но оттаму не добивме никаков одговор на нашите поставени прашања.

Само за потсетување, во извештајот наречен „Intellectual Property Rights Report 2019“ (Правата на интелектуална сопственост), од Македонија бил спречен влез на 60,48 проценти од фалсификуваните алкохолни пијалаци, додека од Молдавија има 26,46 отсто, а процентот на Албанија изнесува 13,06.

Инаку во категоријата каде што се наоѓа нашата земја е спречен влез на фалсификувани алкохолни пријалоци со малопродажна цена од 200.218 или 46.579 артикли на 9 процедури. На Македонија од оваа бројка се вели дека се 60,48 отсто од артиклите, што значи 27.947 шишиња, но не е позната вредноста на овие производи, поради тоа што може да станува збор за артикли со различна пазарна вредност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот