Наши ученици не биле во Софија како „истомисленици на клубот Ванчо Михајлов“, велат од битолското Техничко училиште

Фото: Фондација „Бугарска меморија“

Фондацијата „Бугарска меморија“ вчера на Фејсбук објавила лажна информација дека ученици од Техничкото училиште во Битола биле во посета на Софија како „истомисленици на клубот Иван Михајлов“, обвинува директорката на училиштето, која вели дека нивни ученици воопшто не патувале за Софија.

Според објавеното на Фејсбук, но и на официјалната веб-страница на фондацијата, дводневната посета била „составен дел од програма за градење добрососедски односи и европска интегрaција не само на Бугарија, туку и на Северна Македонија“. Притоа, за учениците пишува дека се „истомисленици на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола“.

-Младите луѓе, кои се истомисленици на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во градот Битола, беа тука како составен дел од долгогодишната програма на Фондацијата Бугарска меморија за градење добрососедски односи со РС Македонија и европската интеграција на младите од двете страни на границата, велат од Фондацијата на бизнисменот Милан Врабевски, кој е финансиер на здруженијата „Иван Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид.

Директорката на училиштето, Жанета Сервини, демантира дека младите од фотографиите на фондацијата биле ученици во Техничкото училиште.

-Категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменик-директорот Љупчо Здравковски, за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта. Со дадената непроверена информација направена е шпекулација со која е нарушен нашиот углед и угледот на училиштето, се вели во реакцијата на Сервини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот