Нашето „морско дете“ Игор Филевски Филе нè шета низ Малта: Што можеш за утре, остави за задутре

Игор Филевски Филе
Фото: Приватна архива

Занемарлива е бројката на туристи од Македонија на Малта, а како резидентно население се движи од 3-6 илјади. Пред пандемијата, за време на летните месеци, таа бројка беше и над 10 илјади. Македонците доаѓаат тука најчесто за работа, бидејќи ова е единствена земја во ЕУ каде што Македонецот, само што ќе слета од авион, може да најде работа и веднаш да добие малтешка лична карта, вели Игор Филевски Филе во разговорот за СП Магазин.

Познатиот спортски новинар и коментатор Игор Филевски Филе повеќе од една деценија е излезен од Македонија, а веќе шест години живее на Малта, откако претходно добро го пропатува светот. Ја одбрал Малта за дестинација за живеење поради условите што му биле понудени од една спортска данска компанија.

И така ни се виде целиот тој концепт прекрасен, да работиме и живееме на една мала карпа среде Медитеранот, бидејќи генерално оваа мала островска земја е помала од Скопје – го почнуваме разговорот Филе.

Игор Филевски Филе
Фото: Приватна архива

Дали веќе се чувствуваш таму одомаќинет, свој на своето, го совлада ли веројатно тешкиот малтешки јазик, кој, велат, е сличен на арапскиот, односно на тунискиот, составен од комбинација од дури седум јазици?

– Не. Јазикот не ни имам намера да го совладувам, бидејќи некако не ми е ниту атрактивен, ниту ме привлекува да го знам. Точно е дека е од семитската група на јазици и практично, Малта е единствена држава во ЕУ чиј јазик нема европски корен. Си го подобрувам англискиот, бидејќи јас сум дете на „француски експеримент“ во Македонија, од онаа генерација која во „Кирил Пејчиновиќ“ учеа од прво одделение француски јазик, додека сите останати училишта со странските јазици се сретнаа дури во петто одделение. А живеењето во Барселона, ме навлече да се заљубам во шпанскиот јазик. И така сега во Малта сум посветен исклучиво на англискиот. Малтешкиот оставам да го совлада син ми, па покрај него ќе фаќам и јас по некој ред. А за тоа „одомаќинет“, да. Во право си. Веќе одамна се чувствувам како цел живот да сум бил Медитеранец, морско дете. Веројатно и сум бил во претходниот живот, па сега само си дојдов дома.

Секоја година Малта е посетена од над милион туристи, но колку Малта како туристичка дестинација е популарна за Македонците? А од друга страна, знаеш ли колку од прилика Македонци живеат на Малта?

– Пандемијата промени многу нешта на тоа поле, но пак останува туристичка земја. Генерално и од тоа живее островов. Тука нема индустрија, нема земјоделие, само туризам.
Што се однесува до Македонците, тие се тука за работа. Занемарлива е бројката на туристи од Македонија. Премногу мала за да влезе во некакви официјални статистики. А како резидентно население се движи од 3-6 илјади. Пред пандемијата, за време на летните месеци таа бројка беше и над 10 илјади.
А Македонците доаѓаат тука најчесто за работа, бидејќи ова е единствена земја во ЕУ каде што Македонецот, што се вели, само што ќе слета од авион, може да најде работа и веднаш да добие малтешка лична карта. Додека во другите држави во ЕУ таа процедура е малку посложена.

Игор Филевски Филе
Фото: Приватна архива

Национални јадења – зајак и полжави, а рибата на трето место

 

Зошто се вели за Малта дека е земја од соништата и земја на витезите?

– За земја од соништата не сум чул, но за земја на витезите, да. Тие се гордеат многу со тоа што се потомци на витезите, кои по крстоносните војни, кога Папата ги распуштил и биле во егзил, една група, витезите болничари, пребегале на островов и нашле засолниште тука. Така и ја создале државата подоцна. За тоа има многу пишана и археолошка историја на островот и ако човек го сака тој период од европската цивилизација, Малта е најподатливото подрачје за изучување и истражување.

По број на културно-историски споменици Малта е прва земја во светот, а на 400 илјади жители има дури 360 цркви. Сепак, кои цркви, според тебе, и кои културни споменици треба да ги посетиме?

– Според последните статистики и вакцинациите, Малта веќе брои околу 520.000 жители. Според црквите, бројката е таа. Тука ги има буквално сите религии, иако тие се декларирани како католичка држава. Тука е најголемиот језуитски центар. Има дури и една џамија која е и културен центар и образовен центар.
„Свети Јован“ во Валета, и „Свети Павле“ во Мдина се најзначајните цркви. Во првата се и гробовите на витезите основачи кои ги споменав пред малку, а втората е пак најважниот црковен објект каде што стапнал Свети Павле откога бил принуден да стапне на Малта, поради бродоломот. Од него, всушност, и започнало христијанството на островот. А знаете дека бил носен од Македонија на судењето во Рим, кога неговиот кораб доживеал бродолом и останал на островот скоро три месеци, додека повторно со друг римски кораб е однесен во Рим. Како трет многу значаен црковен објект е Ротондата во Моста, која е третата најголема купола во светот.

Игор Филевски Филе
Фото: Приватна архива

Што задолжително треба да дегустираме и каде?

– Малта е чудна земја по тоа прашање, бидејќи сè што тие вбројуваат како малтешко национално јадење се всушност или сицилијански рецепти или туниски или либиски. За чуденката да ви биде уште поголема ќе ви кажам дека национално јадење број 1 е „зајак“, број 2 е „бабуш“ или полжав, а дури на трето место е риба. За медитерански остров тоа е чудно, но си има свое објаснување, а започнува со приказните кога Тито им подарил еден брод зајаци, кога буквално немале што да јадат. Па потоа уште еден, со кој всушност ги научил да ги одгледуваат, бидејќи првиот контингент го изеле. А идејата била на Гадафи, кој сакал да им помогне, па го ангажирал другар му Тито за помош. За ова постојат и докази, во кои ќе се уверите откога ќе дојдете во Малта.

Здравството и школството се комплетно бесплатни

Кои плажи никако не треба да се прескокнат?

– Ако доаѓате во Малта за уживање по плажи, тогаш подобро не доаѓајте. Тука ги нема грчките или турските прекрасни плажи или оние километарски како во Каталонија или Валенсијански, на пример. Овде има многу историја, од онаа праисторија, па витешката, па барокната итн…
Од плажите убава е Голден Беј, на која се снимаше холивудскиот блокбастер „Троја“. Убава е песочната плажа во Мелиха, каде што сум и јас најчесто бидејќи ја обожавам, кога ќе сакам да променам од онаа која ми е под балкон, каде што живеам. Има и уште неколку мали, симпатични плажи кои се наоѓаат на Гозо и имаат прекрасно зајдисонце, но пак ќе кажам, Малта има мали, тесни, повеќе карпести отколку песочни плажи.

Игор Филевски Филе
Фото: Приватна архива

Познато е дека во Малта криминал речиси нема, дека здравството и образованието се бесплатни, и дека по висината на бруто-националниот доход Малта е меѓу првите 10 држави во Европа, кои други предности ги нуди Малта за живот, со што станува привлечна за странците?

– Тие статистики беа пред пандемијата. Денес тоа е малку променето. Но, секако дека пак се наоѓа некаде на средината. Здравството е комплетно бесплатно, без никакви партиципации и слично. Школството исто така. Со тоа и се гордеат како единствени во ЕУ. И тоа секако дека никогаш нема да се промени. Здравството им е приоритет. Тоа се гледа и по вакцинацијата која трае во моментот. Број 1 се во светски рамки. Но, Малта повеќе е привлечна поради чистата околина и здравиот живот отколку поради стандардот. Пензионерите Британци по цела зима се тука, ги окупираат хотелите. По којзнае кој пат пак малтешките медитерански води ги прогласија и оваа година најчисти за капење. Воздухот е чист. Сонце и море. А генерално, Малтежаните се типипни медитеранци кои сè работат полека и без стрес. Што можеш за утре, остави за задутре.

Колку е просечната плата и дали со неа може комотно да се помине месецот?

– Минималната плата сега е 780 евра, додека средната вредност или онаа просечна плата во државата е 1.750 евра. Со просечна плата се живее добро. Со минимална е невозможно, освен ако не сте дел од оние гета, каде што во еден стан живеат и по 10 луѓе. А со просечна плата, може да се издвои за кирија, за храна и комуналии. И евентуалната втора плата останува за викенд патувања некаде или нешто слично. Но, факт е дека тоа за време на пандемијата, кога целиот остров беше затворен, беше невозможно да се одржува. Ништо не работеше, Владата исплаќаше минималец колку да се преживее. А бидејќи бевме комплетно затворени, не влијаеше којзнае колку на животот. Сите бевме по дома со месеци.

Колку би можело да чини, според тебе, едно „минување“ на Малта една седмица во сопствена режија?

– Па, според она што за мене е стандард, како што јас се однесувам кога шетам, да посетам неколку музеи, да пробам сè што нуди националната гастрономија, да посетам некој локалитет што е од нивна важност, без да си скратувам од основните задоволства, тоа би било отприлика сума од 1.500 евра за двајца. Хотелско сместување со појадок за 600 евра. Авионски билети до 150 евра. Дневно меѓу 60 и 70 евра за храна. И останатото по археолошките локалитети, музеи и цркви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот