„Нашата влада во односите со Бугарија се однесува како туѓа“: Димитров ја куди власта што го дозволува клубот со име „Цар Борис“

Екатерина Захариева и Никола Димитров
Екатерина Захариева и Никола Димитров / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

„Пријателството меѓу државите, исто како и меѓу луѓето, претпоставува почит и разбирање за другиот, за нештата што му се најважни“, вели поранешниот шеф на македонската дипломатија и вицепремиер, Никола Димитров, околу денешното отворање на бугарскиот клуб со контроверзно име „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Договорот за пријателство со Бугарија тоа и сосема јасно го потцртува – взаемна почит. Актуелната политика на Софија очигледно не бере гајле за нас, за нашите чувства и за нашите неспорни права како македонски народ. Се жалат на омраза, која самите ја создадоа и сега ја разгоруваат. На сред Брисел црно на бело и без срам и перде ни го негираа и навредија јазикот, а денес во Охрид слават лик кој соработувал со Хитлер, во држава која ја стекнала својата државност низ антифашистичката борба, при толку многу вистински примери на луѓе кои можат да симболизираат заедништво, дијалог, култура и вредности. Затоа, во услови на ваква идентитетска агресија и навреда, не може да е човек и “мирен и достоинствен”,“ вели Димитров.

Тој ја напаѓа Владата бидејќи не реагирала и со тоа, според Димитров, „само “кани” нови понижувања“: „А, значи можете да трпите уште? Еве ви уште!“, вели ексминистерот.

„За жал, Владата во односите со Бугарија продолжува да се однесува како туѓа влада. Сервилноста не е мудрост во ниедна дипломатска теорија и практика. Сервилноста е слабост. Во услови на постоење на независна и суверена македонска држава, “мудрото” молчење е само креирање на слика дека сме село без кучиња каде друга држава ќе си фаќа сеир на понижувањата направени на наша територија. Она што е најтажно е што со секое ново негирање, со секоја нова ваква провокација, оваа примитивна политика удира врз македонско-бугарското пријателство и врз европските принципи и идеали напишани во Лисабонскиот договор и не’ оддалечува како два народи се’ подалеку. Ова никако не е патот кон вистинско пријателство“, пишува Димитров на ” rel=”noopener” target=”_blank”>Фејсбук.

„Единствениот вистински пат напред за овој проблем е патот на заемната почит. Достоинствено, повикувајќи се на европските принципи, треба како држава јасно да ги поставиме границите на тоа што е пристојно и можно. Верувајте не само што тоа ќе го поздрават граѓаните, кои со право бараат да се грижите за нивното достоинство, туку и нашите пријатели во ЕУ, па и самата Бугарија ќе не’ почитува повеќе. Многу е едноставно – бидете субјект, ако сакате пријателство. Бидете предмет, ако сакате поданички однос. Што сакаме ние? И поважно – што сме?“, додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот