Нашата планета не е рамна плоча! Груевизмот ги контролираше медиумите со јавните пари, време е да се користат за заштита на јавниот интерес

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Има разлика меѓу злоупотребата на јавните пари за политички цели и кампањите од јавен интерес. Со бришење на член 102 од законот за медиуми, ќе се пополни огромна празнина во јавната комуникација. Но јавните пари мора навистина да се трошат наменски и транспарентно, а не да служат за задоволување на апетитите на големите медиумски газди. Со други зборови, може јасно да се препознае дека дел од медиумите имаат добри барања, но од сосема погрешни причини. Таму е проблемот, не во можноста да се искористат јавните пари за кампањи од јавен интерес.

Суштината на промените во Законот за медиуми е поврзана со членот 102 со кој пред пет години се забрани „владино рекламирање“. Но тој ист член истовремено веднаш стана и пречка за кампањи од јавен интерес. Во јавноста, дури и меѓу добро информираните граѓанки и граѓани постојано се прави забуна околу тоа што е „владино рекламирање“ и „јавен интерес“. За жал, тоа е наследство од едно не така дамнешно минато.

Кога ќе се каже „владино рекламирање“ се мисли на добро познатата „шема“ меѓу Груевски и медиумските газди. За време на груевизмот, дел од медиумскиот дигестивен тракт се полнеше со милиони евра јавни пари, но со една единствена цел – воспевање на „ликот и делото“ на Груевски, задржување на власта на неговата партија и оцрнување на тие што мислат различно од власта.

Медиумите што не беа дел од таа неславна пракса беа „предавнички“, „странски агенти“, „соросоиди“. Таквите медиуми многу „соодветно“ беа предмет на прислушување, инспекции, судско-полициски прогон и груевистичка пропаганда за оцрнување и дискредитација. Не мора да се објаснува премногу дека контролата на медиумите беше воспоставена за да се одбрани власта, а не јавниот интерес.

Со паѓањето на Груевски, „паднаа“ и таканаречените „владини реклами“, со сега веќе фамозниот член 102. Со тој член во законот се воведе „забрана за рекламирање Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.“

Но со законските одредби настрада и јавниот интерес. Затоа, веднаш по стриктната забрана за рекламирање со јавни пари, стана јасно дека се создаде „дупка“ во финансирањето кампањи од јавен интерес. Членот 102 од законот предизвика огромна празнина во јавната комуникација.

Не мора многу да се трага по теми што се од јавен интерес. Доволно е да се спомне дека, како последица од оваа рестрикција до која владата доследно се држеше, изостанаа кампањи за јакнење на јавната свест за повеќе теми од исклучително висок јавен интерес. Како последица, не беше можно да се финансираат кампањи за јакнење на јавната свест за теми како што се ковид-пандемијата и вакцинацијата. Нема ни кампањи за темите поврзани со медиумската писменост, дезинформациите, дигитализацијата, европските вредности, мултикултурализмот, пописот, зелените теми и заштитата на животната средина, родовата еднаквост и низа други. Навистина, за некои е потребна и кампања за освестување дека Земјата не е рамна, но тоа е друга приказна.

Да појасниме. Иако еден дел од медиумската и пошироката јавност не прави или не сака да направи разлика, сепак, се работи за две сосема различни работи. Со измените во членот 102 од законот за медиуми се забранува „информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери“ затоа што режимот на Груевски ги злоупотребуваше и ги контролираше медиумите за свои, односно партиски потреби.

Новинарските здруженија тврдо се држеа до ставот дека бришењето на член 102 може да предизвика враќање на политичката корупција на медиумите. Иако нивните ставови „држеа вода“ во контекст на стравот од груевистички практики, сепак, не понудија решенија за кампањите од јавен интерес. Така, тепајќи ја владата „неутрално“ и „објективно“, го натепаа и јавниот интерес. По јавна дебата која трае речиси пет години, овој член, конечно, се брише. Беше тоа дебата со многу разумни тонови, но имаше и многу балкански ритам и „рекетарски“ шум…

Медиумските и граѓанските организации и демократските институции сега се исправени пред предизвикот заеднички да изградат механизми да не дојде до злоупотреби на медиумите какви што имаше за време на режимот. Тоа подразбира и заштита на јавноста, односно јавните пари, од големите медиумски мастодонти кои во овој процес гледаат можност да соберат „рекет“ и да „лапнат“ најголем дел од јавните пари за јакнење на јавната свест за теми кои се јавен интерес.

Јавните пари мора навистина да се трошат наменски и транспарентно, а не да служат за задоволување на апетитите на големите медиумски газди. Со други зборови, може јасно да се препознае дека дел од медиумите имаат добри барања, но од сосема погрешни причини. Таму е проблемот, не во можноста да се искористат јавните пари за кампањи од јавен интерес.

Авторот е активист за човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот