Нашата личност се менува кога зборуваме друг јазик: „Тоа не е секогаш лоша работа“, велат експертите
Кога некој ќе се префрли од користење на еден јазик на друг, се менува и неговата личност, начинот на кој го гледа светот околу себе, но и себеси. Тоа го покажуваат повеќе студии, а експертите нагласуваат дека тоа „не е секогаш лоша работа“.
– Дали некогаш сте се запрашале дали јазикот што го користите влијае на тоа како го гледате светот? Бројни студии во психолингвистиката, когнитивната психологија и лингвистичката антропологија наведуваат дека тоа е точно. Јазиците не само што ни овозможуваат да комуницираме – тие ја обликуваат нашата перцепција за светот околу нас и нас самите – велат Мери Мар Бојлос Переира, професорка на Универзитетот во Баскија и Ана Бланко Каналес, професорка на Универзитетот во Алкала, за „Конверсејшн“ (The Conversation).
Повеќе од половина од светското население користи два или повеќе јазици на дневна основа, додаваат тие. Причините за тоа можат да бидат образованието, миграцијата, културата, глобализацијата… Затоа се поставува прашањето дали познавањето два или повеќе јазици го менува начинот на кој ги обработуваме чувствата.
– Неодамнешните истражувања покажуваат дека секој јазик води до различна перцепција на реалноста од страна на оние што го зборуваат и дека можат да забележат промена кај себе кога ќе се префрлат од еден на друг јазик. Други студии покажаа дека двојазичните луѓе можат да се однесуваат поинаку во однос на јазикот што го зборуваат – изјавиле авторите.
Лужето што зборуваат повеќе јазици ги обработуваат зборовите кои различно ги опишуваат чувствата во зависност од тоа дали го користат мајчиниот јазик, кој се учи во детството и доминира во мислата и говорот, или друг јазик, кој подоцна се учи.
– Некои студии покажаа дека луѓето поживо ги опишуваат спомените од детството ако зборуваат на својот мајчин јазик, бидејќи тоа е јазикот на кој ги етикетираат и ги паметат овие искуства. Вториот јазик, од друга страна, нуди одредена количина на емоционална дистанца, дозволувајќи му на говорникот да чувствува помалку страв или срам кога зборува во сложени ситуации, изразување лутина или извинување. Мајчиниот јазик се доживува како поемотивен јазик, додека вториот е помалку изразен, но попрактичен. Тоа значи дека емотивното изразување на мајчиниот јазик се чувствува поинтензивно, без разлика дали емоцијата е позитивна или негативна – наведуваат авторите.
Изборот на јазикот на кој луѓето комуницираат, додаваат Переира и Каналес, влијае не само на интензитетот на чувствата, туку и на начинот на кој тие се перципираат себеси и другите. Употребата на еден или друг јазик може да влијае на изградбата на дискурсот и да открие културни и општествени аспекти кои се специфични за јазичните заедници на кои припаѓаат.
– Нашите животни искуства, возраста на усвојување јазик и контекстот на употреба влијаат на тоа како ги обработуваме и ги изразуваме нашите емоции на различни јазици. Разбирањето на оваа динамика не само што го збогатува нашето знаење за јазикот и човечкиот ум, туку ни помага и да ја подобриме меѓукултурната комуникација и емоционалното разбирање во сè поразновиден и поврзан свет. Одлучувачки е односот на ученикот кон јазикот што се учи. Тоа влијае на тоа како ги оценуваме нашите искуства со јазикот, што пак влијае на тоа како се соочуваме со предизвиците, како се перципираме себеси и како мислиме дека другите нè гледаат – изјавија авторите.