Нaшата историја не е на распродажба

Окупацијата не е заедничка историја. Принудата, тортурата, денационализцијата, асимилацијата, негаторствата тенденција во еден наметнат милитантен режим, не е соживот. Тоа е живот на два паралелни света, на две дистанцирани култури, на две противставени идеологии – на окупирани и окупатори, на две филозофии за животот, за правата и слободите на човекот. Тоа е време на владеење на монструмите. Дивеење на протагонистите на фашистичката идеологија.

Тврдењето на одредени научни и политички персони од источното соседство дека ние, Македонците, божемно со Бугарите сме имале заедничка историја, е крајно дегенерична теорија. Мерено според сите цивилизациски вредности, таквите тврдења во себе ги содржат премисите на една, до крајни граници заболена логика на фашизирани морони и политички бизони. Во објективната историска наука постојат само аргументите на фактографските резони.  

Плиткомислечки бруталци окупацијата може да ја толкуваaт како заеднички живот. Македонците ја имале трагедијата во два наврата во текот на минатиот век осум години да бидат, според софискиот хуманизам, во „братските“ бугарски прегратки – по балканските војни, во траење од четири години, и исто толку долг временски интервал, како резултат на вмарширувањето на етничката територија на Македонците од страна на бугарската солдатеска во 1941 година, под превезот на фашистичката идеологија, кога нашиот источен сосед успешно ја одигра улогата на фашизиран окупаторски палјачо, срамно верен хитлеровски вазал на Балканот.

Во истото тоа столетие, ако веќе треба како релевантен показ за некаква заедничка историја, да се софиските принципи, наспроти тие 8 окупаторски години, Македонците 23 години се дел од заедничката држава на Србите, Хрватите и Словенците, од 1918 до 1941 година, а потоа, половина век ја градат и делат заедничката историја и судбина со народите од југословенската федерација.

Окупацијата не е заедничка историја. Принудата, тортурата, денационализацијата, асимилацијата, негаторската тенденција во еден наметнат милитантен режим, не е соживот. Уште помалку заеднички живот, кој испишува заедничка историја. Тоа е живот на два паралелни света, на две дистанцирани култури, на две противставени идеологии – на окупирани и окупатори, на две филозофии за животот, за правата и слободите на човекот. Тоа е време на владеење на монструмите. Дивеење на протагонистите на фашистичката идеологија, на кои по Втората светска војна меѓународен трибунал им судеше за геноцид. За масовни злодела. За цивилизациски пустош. За помор на народи. За ѕверства.

Една од тие жртви беше и Македонија. Поточно, македонскиот народ. А Бугарија, за својот удел во таа гротеска, на светската историска мапа е забележана како една од држави од семејството на Хитлеровиот фашизам.

Ако веќе сакаме да им бидеме доследни на историските факти, да се послужиме со констатациите на историчарите на Бугарската академија на науките, според кои, наспроти денешните тврдења, дека во Бугарија немало фашизам, соопштува дека во периодот на Втората светска војна, бугарските фашисти во границите на бугарската држава, убиле нешто повеќе од 19.000 бугарски патриоти – борци против фашизмот. Според БАН, за истиот период, бројот на ликвидираните во териториите окупирани од страна на бугарската армија и полиција (Вардарска и Егејска Македонија и делови од Србија) бил значително поголем.

Политичарите, ако се суди според некои потези на балканската сцена, очигледно се подложни на ментални гимнастики, за еквилибристики со историските вистини. За тргувања кои се во чиста спротивност со закономерностите на историските логики и реалности. За клептоманство во стекнатите национални цивилизациски придобивки. За сакатење на фактографското милје, со кое се сквернават националните интереси. Се осиромашува автентичноста на националниот профил на народите. Се прават обиди за ретуширања и премоделирања на културните матрици. Со други зборови, тоа е чин на цивилизациско злосторство.

Националното, историското, културното, јазичното и фолклорното богатство, се неменливи категории. Доблести, сраснати во нас со милениумски корени. Пластени во колективната меморија на овој македонски народ. Ние сме народ, со потврдени вредности, како признат дел од мошне колоритниот мозаик на светската историја и култура, кој ги отфрла сите теории и заговори на хегемонизмите со негаторски тенденции. Ние, на светските, а уште помалку на балканските пазари, немаме  ничиј аманет за тргување со националната историја, култура, јазик, фолклорно творештво. Уште помалку може да ги однародуваме оние национални колоси од преродбеничката епоха – Миладиновци, Жинзифов, Пејчиновиќ, Шапкарев. На првите учебникари. На просветарите од Солун. На актерите на патриотските и научни искричења од Македонците по белите светови. Од Лозарите. На Крсте Петков Мисирков. Во нас е проникнат и вселен за сите времиња духот на револуционерните икони од кресненските востанички пламтења,  од илинденските огнови, од трибуните, писателските пера, од плејадата борци, кои ги основоположија темелите на современата македонска држава. Ние сме дел од светот, а не закрпа за нечиј гол задник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот