Нашата ЕУ ѕвезда полека згаснува!

Благојче Атанасоски

Се наоѓаме во ситуација во која ЕУ е сонцето кое заоѓа на хоризонтот, а ние по сртот на планината чекориме кон него. Колку повеќе му се доближуваме, толку повеќе тоа се оддалечува од нас и станува сѐ помало.

Последното разочарување кое го добивме со официјализирањето на бугарското вето врз европерспективите на Македонија (а со тоа и на Албанија), како повторно да ја отвори „Пандорината кутија“ во односите помеѓу Европската Унија и земјите од Западниот Балкан. Во неа, наместо надеж, видовме неисполнети очекувања и лицемерни ветувања. Многумина, пак, почнаа да го отвораат прашањето дали ЕУ е искрена во своите намери кон проширувањето со земјите од овој дел на континентот или, пак, ги држи во некоја си отворена лимбо-ситуација, поточно кажано „ни на небо ни на земја“ или, во превод, „ни внатре ни целосно надвор“.

Таа психолошка меѓузависност која се создаде во децениските односи и ветувања  за перспективна благосостојба на граѓаните од земјите на Западен Балкан веќе уморува. Уредувањето на меѓународните односи е сурово, а тие не простуваат никому. Само се распослани на хартија која трпи се, како еден вид законик, кој проформа ги поставува „правилата на играта“, но во практика гледаме дека никој тие правила не ги почитува или, пак, уште полошо, ги толкува и (зло)употребува како нему му одговара.

Ветена земја

Францускиот претседател Емануел Макрон беше брутално искрен кога и тој ни го попречи отворањето на преговорите со ЕУ (есента 2019 година), со зборовите дека поради неисполнувањето на дел од Копенхашките критериуми, Македонија  и Албанија, не се подготвени да го продолжат својот европски пат. Особено, во делот на владеење на правото, кое е круцијална отсечка за да станете во иднина полноправен член на Унијата, меѓу другите критериуми за членство. И дополни дека доколку тој беше претседател во далечната 2004 година, ќе беше прашање дали Франција, која е еден од стожерите и моторите на самата ЕУ (заедно со Германија), ќе дадеше зелено светло за големото проширување со земјите од Источна Европа, а малку подоцна и со Бугарија, Романија и Хрватска.

Дали во оваа изјава на Макрон, се крие всушност проектираната иднина на ЕУ во однос на нашето и на секое идно проширување? Дали некаде таму во коридорите на бриселските институции некој одамна решил да го замрзне на долг рок или пак засекогаш да го напушти прашањето со приемот на западнобалканските земји во ЕУ, без да има „доблест“ да ни го соопшти тоа? Што сака ЕУ од нас воопшто? И што, всушност, мисли дека прави? Да нѐ држи во една константна состојба со ветување блескава иднина, постојано потенцирајќи дека нашето место е во ЕУ, бидејќи „културолошки, историски, географски и економски“ сме дел и припаѓаме на Европа, а не на далечните евроазиски велесили, а притоа, постојано да измислува причини и начини како таа иднина да ја држи неостварена до недоглед?

Можеби сме Балканци (и нѐ поимаат за такви – примитивни, прости), но сепак не сме мали деца. Последниот пример со Македонија, кога прво Франција беше единствена против отпочнувањето на преговорите, па денес само Бугарија, а пред тоа Грција, утре може поради ним познати причини Данска или Холандија, е еклатантен пример дека ЕУ не знае што сака со нас, со земјите од овој простор на Југоисточна Европа, или, пак, многу добро знае дека не нѐ сака! Сака единствено, како што велат официјалните германски претставници, министри за Европа и за надворешни работи, да нѐ држи само блиску до неа и дека „доколку Унијата не им овозможи влез и гарантирана иднина на земјите од Балканот, тој вакуум ќе го пополнат авторитарни големи сили: Русија, Кина, Турција, С. Арабија).

Оваа теза е најверојатно најточната, но и загрижувачки најреалната која ги отсликува „нашите односи“. Дека тие (авторитетите и архитектите на ЕУ), се откажале од нас, како потенцијални партнери внатре во клубот и дека само ќе сакаат да не држат близу до нив за да не потпаднеме под друга сфера на влијание и интерес, под некој кој е конкурент и непријател на ЕУ во меѓународните односи. Таа перверзија е најодвратна.

Вечни кандидати

Честопати истакнував дека сегашното статус кво на нашата земја, во кое нѐ набута бескомпасноста на Унијата е одлика на политиката на „двајца договорени родители, кои не го пуштаат своето дете на екскурзија со другарчињата – прво едниот му вели дека не може да оди (Франција), па потоа другиот (Бугарија)“.

ЕУ денес не е ветената земја од пред три децении, кон која поитаа речиси без исклучок сите посткомунистички и посттранзициски општества од Истокот и од Југоистокот на Европа. Кои се оттргнаа од еден идеолошко-политички лагер, во кој беа можеби со сила приклештени, за да отидат во прегратките на побогатиот, поразвиен Запад. Сепак, тогашните евролидери со својата далековидост, гледајќи ја големата слика за стабилизација и обединување на „цела Европа“, им прогледаа низ прсти на некои земји, за да ги протнат во асоцијацијата. Тоа им се удри од глава денес, преку авторитарните примери на Унгарија и Полска, и балканството на Бугарија. Најголемиот цех го плаќаме ние, вечните кандидати во чекалницата за влез. Европскиот концепт и проект на константно проширување зазема и реверзибилни позиции со брегзитот, со излегувањето на една од клучните земји на ЕУ – Велика Британија. Тоа беше незамисливо за бирократските ладни глави во Брисел – никој никогаш не веруваше дека некоја земја (и тоа таква) ќе се осмели да ја напушти Унијата и големата европска идеја. Ние се наоѓаме во ситуација во која ЕУ е сонцето кое заоѓа на хоризонтот, а ние по сртот на планината чекориме кон него. Колку повеќе му се доближуваме, толку повеќе тоа се оддалечува од нас и станува сѐ помало. На времето, наивно мислевме и велевме дека и сонцето е ѕвезда. Нашата (ЕУ), полека згаснува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот