Наша тема: Еден на секои 100 мажи воопшто нема сперма

Фото: Профимедиа

Дијагнозата за машката неплодност е еден од најтешките предизвици со кои може да се соочи мажот. И покрај традиционалниот став дека неплодноста е женски проблем, науката вели дека машкиот партнер придонесува за стерилитетот во околу половина од сите случаи кај двојките каде што постои проблем со репродуктивната способност. Сепак, во денешно време, асистираните репродуктивни технологии (АРТ) нудат моќни нови опции за надминување на проблемот со машката неплодност и за постигнување на долгопосакуваното родителство. Најдобро е ако двојката се иследува за инфертилитет заедно, паралелно, вели доцент д-р Роса Спасова, која на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје работи на одделот за инфертилитет и асистирана репродукција.

Доктор Спасова, дали биолошкиот часовник отчукува и кај мажите?

– Неплодноста традиционално се сметала исклучиво за женски проблем. Но, како што се утврди во изминативе години, тоа воопшто не е точно. Истражувањата покажуваат дека повеќето мажи во светот, цел живот веруваат дека сѐ што има врска со зачнувањето и бебињата е исклучиво врзано за женскиот партнер. Тоа е особено забележливо во помали и во поконзервативни средини како нашата, каде што посетата на лекар на тема фертилност се доживува како навреда за машкоста.

Имено, еден вид биолошки часовник отчукува и во машкиот организам – иако генерално, мажот нема временско ограничување. Многубројни публикувани резултати го побиваат верувањето дека машката репродуктивна способност трае вечно. Во поново време најмногу внимание се обрнува на начинот на живот, како фактор што доведува до драстично зголемување на стерилитетот кај мажите во светот.

Стерилитетот сам по себе е доста груб поим, но е најчесто користен, а се однесува на состојба во која двојката не може да оствари спонтана концепција и бременост, што во практика е релативно ретко, па поправилен термин е всушност инфертилитет (неплодност) или состојба што се должи на одредени фактори што доведуваат до намалена, но не и отсутна шанса за бременост.

Дали може да се зборува за сериозен процент кога како проблем да се случи бременост се јавува неплодноста кај мажот?

– Кај околу 20 отсто од неплодните двојки, проблемот е само во машкиот партнер. Кај околу 30 отсто од двојките, проблемот е во двата партнера. Затоа, мажот придонесува за неплодноста во околу половина од сите случаи. Еден од 20 мажи имаат мал број сперматозоиди, што всушност и ја предизвикува неплодноста. Сепак, само еден на секои 100 мажи воопшто нема сперма.

Дијагнозата за машката неплодност може да биде еден од најтешките предизвици со кои може да се соочи мажот. За некои, тоа може да биде поразително. Впрочем, неопходноста од репродукција е една од ретките работи за кои се согласуваат и Дарвин и Библијата. Неможноста да се остварат во улогата на татко, може да ги натера мажите да се чувствуваат како да не успеваат во една од најважните обврски.

За жал, некои мажи треба да се справат со реалноста дека ништо не може да се стори за нивната неплодност.

Но, за другите мажи мора да се напомене дека современата медицина нуди многу опции за успешен третман.

Кои се причините што доведуваат до инфертилитет кај мажите, дали во тој контекст може да стане збор и за вродени оштетување како причина за неплодност кај некои мажи?

– Најчестите проблеми поврзани со машкиот инфертилитет се поврзани со производството и со развојот на спермата. Имено, сперматозоидите може да не се развиваат целосно, да имаат ирегуларни облици, да не се движат во вистинската насока или да се произведуваат во многу мал број (олигоспермија) или пак, воопшто да не се произведуваат (азооспермија).

Проблемите со спермата може да се должат на вродените особини на мажот, но и изборот на начин на живот може да го намали бројот на сперматозоиди. Пушењето, пиењето алкохол и земањето одредени лекови се животни карактеристики што можат да го намалат бројот на сперматозоиди. И наследни нарушувања како што е синдромот на Клинефелтер – во кој маж е роден со два Х -хромозома и еден Y-хромозом (наместо еден Х и еден Y) – предизвикуваат абнормален развој на машките репродуктивни органи. Други генетски синдроми поврзани со неплодност вклучуваат цистична фиброза и Калманов синдром.

Оштетувањето на репродуктивниот систем може да предизвика мало или отсутно производство на сперматозоиди. Околу четири од секои десет мажи со целосен недостаток на сперма (азооспермија) имаат опструкција. Вродени дефекти или оштетувања, како што е инфекцијата, може да ја предизвикаат оваа блокада. Некои инфекции може да го попречат производството или да го оневозможат нормалниот транспорт на спермата. Тие вклучуваат воспаление на епидидимисот (епидидимитис) или на тестисите (орхитис) и некои сексуално преносливи инфекции. Иако некои инфекции може да резултираат со трајно оштетување на тестисите, најчесто сепак е можно да се добијат сперматозоиди.

Дефект на тубулите што ја пренесуваат спермата. Тие можат да бидат блокирани поради различни причини, вклучувајќи ненамерна повреда од операција, претходни инфекции, траума или абнормален развој, како што е цистична фиброза или слични наследни состојби. Блокадата може да се појави на кое било ниво, вклучително и во тестисите, во епидидимисот, во одводните каналчиња, во близина на ејакулаторните канали или во уретрата.

Освен причините што ги наведовте, дали како пречка за плодност на мажот може да се јават негови хронични болести, одредени здравствени состојби…

– Една од причините за низок број сперматозоиди вклучуваат хронични заболувања какви што се ренална инсуфициенција, инфекции во детска возраст (заушки) и хромозомски абнормалности.

Инаку, често застапени причини за машки инфертилитет се:

– Варикоцела, која претставува е оток на вените на тестисот;

– Ејакулаторни нарушувања: најчесто ретроградна ејакулација. Различни здравствени состојби може да предизвикаат ретроградна ејакулација, вклучувајќи дијабетес, повреди на ’рбетот, лекови и операции на мочниот меур, простата или уретра;
– Антиспермални антитела – тоа се клетки на имунолошкиот систем, кои погрешно ги идентификуваат сперматозоидите како штетни напаѓачи и се обидуваат да ги отстранат;

– Карциномите и немалигните тумори можат директно да влијаат врз машките репродуктивни органи, преку жлездите што ослободуваат хормони поврзани со репродукцијата, како што е хипофизата, или преку непознати причини. Во некои случаи хируршкиот третман, зрачење или хемотерапија за лекување на туморите може да влијае врз плодноста кај мажите;

– Проблеми со сексуалниот однос – може да вклучуваат еректилна дисфункција, предвремена ејакулација, болен сексуален однос, анатомски абнормалности како што се отворање на уретрата под пенисот (хипоспадија) или психолошки проблеми;

– Употреба на дрога: Анаболни стероиди земени за стимулирање на мускулната сила и раст може да предизвикаат намалување на тестисите и намалување на производството на сперма. Употребата на кокаин или марихуана исто така може привремено да го намали бројот и квалитетот на машката сперма;

– Употреба на алкохол: Пиењето алкохол може да го намали нивото на тестостерон, да предизвика еректилна дисфункција и да го намали производството на сперма. Оштетување на црниот дроб предизвикано од прекумерно пиење, исто така може да доведе до проблеми со плодноста;

– Пушење цигари: Мажите што пушат може да имаат помал број сперматозоиди отколку оние што не пушат. Пасивното пушење, исто така, може да влијае врз плодноста кај мажите;

– Обезитет: Дебелината може да ја наруши плодноста на неколку начини, вклучително и со директно влијание врз самата сперма, како и со предизвикување хормонски промени што ја намалуваат плодноста кај мажите.

Што треба да се направи од медицински аспект за да се дијагностицира евентуална неплодност кај машкиот партнер од двојката што сака да добие бебе?

– Дијагнозата кај машкиот инфертилитет најчесто вклучува:

Општ физикален преглед, кој вклучува испитување на гениталните органи и опсежна анамнеза за сите наследни состојби, хронични здравствени проблеми, болести, повреди или операции што можат да влијаат врз плодноста.

Спермограм: Примерокот се иследува за број на присутни сперматозоиди, се утврдуваат евентуални неправилности во обликот (морфологија) и во движењето (подвижноста) на спермата. Исто така, се испитува и за знаци за инфекции. Често бројот на сперматозоиди варира значително од еден примерок до друг. Во повеќето случаи, неколку анализи на семената течност треба да се направат во одреден временски период за да се обезбедат точни резултати.

Дополнителни иследувања што можеби да треба да се направат се: скротален ултразвук, хормонални и генетски иследувања, тестикуларана биопсија, постејакулаторна анализа на урината или, доколку е потребно, специјализирани тестови за функционалноста на сперматозоидите за да се утврди времето на преживување по ејакулација, колку добро можат да навлезат и дали имаат можност да се прикачат за јајце-клетката.

Во денешно време, може ли да се зборува за доживотна машка неплодност?

– Крајната цел на третманот за неплодност кај мажите е да се создаде бременост. Идеално е кога причината за неплодност е реверзибилна, а потоа зачнувањето може да произлезе по природен пат.

Еве неколку вообичаени третмани за неплодност кај мажите.

Варикоцелите се санираат оперативно, се чини дека ова резултира со значително подобрување на плодноста, иако некои студии не се согласуваат. Тоа е најчестата реверзибилна причина за машкиот инфертилитет. Опструктивните нарушувања  исто така понекогаш може да се коригираат хируршки.

Во минатото, ако сите овие методи не резултирале со успех, тоа значело -доживотна машка неплодност.

И во поглед на инфертилитетот, современата медицина постојано со нови технологии дава сѐ повеќе надеж дека неплодноста се лекува и дека надежта да се стане родител е голема. Кои, според науката, но и според искуството како лекар, сметате дека се најефикасните третмани за лекување на машкиот стерилитет?

 – Во денешно време, асистираните репродуктивни технологии (АРТ) нудат моќни нови опции.

Овие високотехнолошки третмани за неплодност кај мажите ѝ даваат на спермата вештачки поттик да навлезе во јајце-клетката. Она што е исклучително значајно е дека АРТ овозможуваат зачнување дури и за мажи со абнормални облици, па дури и за мажи со исклучително ниски концентрации на сперматозоиди.

Асистираните репродуктивни технологии се различни и вклучуваат интраутерина инсеминација, ин витро фертилизација, интрацитоплазматска спермална инјекција, тестикуларна екстракција на сперма и други. Студиите укажуваат на огромен успех од употребата на АРТ и постигнување на долгопосакуваното родителство.

Можеме да заклучиме дека нема ништо срамно во барањето помош за прокреација. Исто така, мора да се води грижа за начинот на живот, за исхраната, да се избегнува употреба на штетни супстанции.

За жал, често се мисли дека машките причини за неплодност може да се надминат со АРТ, дури и без целосна машка андролошка евалуација. Следствено, кај 18-27 отсто од двојките со инфертилитет, мажот не подлежи на никаква евалуација за неплодност. Оваа пристрасност во дијагнозата може да доведе до непотребно пролонгирање на времето на лекување. Идеално, двојката треба да се иследува за инфертилитет заедно, паралелно. Сето ова може да спречи предвремена и непотребна употреба на АРТ. Двајцата партнери треба и можат да се поддржуваат меѓусебно низ стресните моменти во кои се соочуваат со причините за нивната неможност за концепција. Сознанието дека не се сами во третманот и дека заедно прават сѐ што можат, го намалува товарот од неплодноста и кај мажот и кај жената.

Фото: Приватна архива

Доцент д-р Роса Спасова, специјалист гинеколог-акушер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот