Наша рашомонијада

Деновиве сакав да се оддалечам од влијанието на дневнополитичките настани, да се повлечам и да станам имун на сè она што ни се случува. Решив да не гледам телевизија, да не читам весници и да не слушам озборувања за малку да се оттуѓам и опуштам за да се смирам и релаксирам.

Но, кој може да ме разбере и да ми ја сфати намерата?! Секојдневна рашомонијада од недоразбирања, контрирања, разделувања и поделувања ни го нарушува мирот?! Како во филмот на Акира Куросава каде за еден настан има многу различни и спротивставени мислења. Исто како што ни се случи и во Брисел со недобивањето датум за отпочнување на преговорите за влез во ЕУ?!

Сега каде, како и во кого да го бараме виновникот?! Секој на свој начин си ја толкуваше и пренесуваше негативната одлука, а ги знаеме ставовите и меѓусебните обвинувања на лидерите на водечките и најспротивставените партии. А поделеноста во општеството, наместо да се намалува, и натаму се зголемува?!

Нема да погрешам ако кажам дека ваква рашомонијада и на локално ниво ни се случува. Тоа лично го доживеав и по неодамнешната промоција на мојата книга „Што ни се случува?!“ За среќа, најголемиот број посетители беа воодушевени од настанот и задоволни се вратија во своите домови. Занемарлив број од недојдените (предомислени или вратени) имаа поинакво толкување на настанот и искажано несогласување со цел успехот да се претвори во неуспех?!

Сепак, промоцијата силно одекна и гласот со молскавична брзина најдалеку се прошири, па дури и „Зевзекманија“ го пронесе и пренесе на своите зевзеци… Меѓутоа, се слушна и гласот на „шепотењето“ на противниците кои на свои доверливи луѓе им „признаа“ за ширењето говор на омраза против авторот на книгата. Тоа пак создаде забуна и немир кај добронамерните и реални проценувачи на настанот, кои не сакајќи беа издвоени и некоректно инволвирани?!

Но, што може да се каже за оваа манифестација, ако не најпрвин за „доаѓањето на другарот Тито“ и „оправдувањето“ за неприсуство на поголем број пензионери, предомислени од влијанието на некои одговорни луѓе од организацијата. Исто така, внимание привлече и одбивот за објава на настанот (во полн сјај како што се случи) во пензионерското гласило.

Тука некој „скина зелена лубеница“ и оправдувањето за таква „забрана“ се воздигна до ниво на обучени „трагачи“ кои се впуштија во откривање на „познатиот“ новинар што „не добил согласност“ за објава на промоцијата, бидејќи авторот „ширел лаги“ за неработата во Сојузот. Потоа се презентираше изговорот дека недетектираниот официјално не се обратил до „одговорните“ кои за да ја докажат „вистината“ почнаа да се колнат во „невината“ (жими водството, жими весникот…), токму како што на промоцијата авторот му се заколна на „другарот Тито“ дека нема да пишува „невистини“ за неработата во оваа организација?!

Според непроверени извори, сето ова недоразбирање и негодување за пишувањето на авторот во колумната „Промоција на вистината“ во „Слободен печат“, можело да се проголта и да се надмине, ама забуна им внесе „клоцањето на коњите“ и провоцирањето на „магарињата“ за некој да ги „јавне“ и втурне во нерамноправна борба со азганите?!

Многумина љубопитни го поставија и прашањето за „вадењето на лебот и чувањето на брашното“, кое застоено и недосеано се „просипувало“ во незначителни количини за да остава траги од неповиканите дојденци, со намера да му го нарушуваат мирот на главниот персонал?! Вознемирените веројатно сакаа да докажат дека некој однадвор им ги мати водите за да создаде фама и забуна за неработата во најмасовната невладина и мултиетничка пензионерска организација?!

Ваквото размислување и стравување навистина не е потребно зашто Сојузот, сепак, се консолидира и особено се зацврсти со поддршката што ја има од Партијата на пензионери, чиј лидер здушно се бори за подобрување на статусот и квалитетот на животот на пензионерите. Исто така, нему, како на наш претставник во Собранието на РСМ, не смее да му се ампутира придонесот и заслугата за „разумното“ покачување на пензиите, како и да му се забележува за блискоста со раководството на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ)?!

Најпосле, Сојузот нема склучено меморандум со оваа партија, како што имаше претходното раководство со партијата на ВМРО-ДПМНЕ, иако определбите и програмите по однос на пензионерската проблематика во повеќето делови им се совпаѓаат.

Кога станува збор за СЗПМ, никој не ги порекнува резултатите и успесите што се предвидени со Статутот и Програмата за работа, зашто има докази за остварувањата за кои редовно се доделуваат признанија при разни поводи. Во контекст на празнувањата, за истакнување е и неодамнешното одбележување на годишнината на едно од најголемите скопски здруженија, при што во знак на благодарност за поддршката на претставниците на Сојузот им беа доделени високи признанија. Наградените, пак, им возвратија со пригодни говори и пофалби за „успесите“, од кои во ова здружение особено треба да се издвојат изборните (не)доследности.

Главен куриозитет претставува изборот на претседател на здружението, кој по шести пат „заслужено“ се устоличува на ова место, небаре навистина е незаменлив. Сепак, „никој“ не може да му забележи за процедурата на изборот која совршено ја разработил во Статутот и беспрекорно ја практикува. Барем тој не отстапува од законот како што има случаи во други здруженија, а најсветол пример за тоа е изборот на раководството на Здружението на воените пензионери, при што имаше флагрантно кршење и непочитување на Статутот.

Конечно, не е толку важно како се избрани ваквите гарнитури во здруженијата на пензионери, па дури и во Сојузот?! Во оваа наша рашомонијада најбитно е тие редовно да доаѓаат на работа и заслужено да си го вадат и јадат лебот наш насушен?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот