Насер Зибери по повод 30 години независност: Имаме подеми и падови, но и отворени перспективи

Фото: Ар

По повод одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија за „Слободен печат“ зборуваат: Никола Стојановски, СДСМ, прв претседавач на Собранието, Стојан Андов, претседател на првиот собраниски состав, Лубчо Георгиевски, основач на ВМРО-ДПМНЕ, Туше Гошев, пратеник на СДСМ, Насер Зибери, пратеник на ПДП, Алил Џаферовски, пратеник на СДСМ Михаил Пановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и Александар Флоровски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. „Слободен печат“ денеска и утре ќе ги објави нивните видувања за случувањата во последните 30 години.

Пред 30 години имавме некоја визија којашто не може целосно да се преслика во денешната реалност. Настаните во изминатите три децении наметнаа многу прашања кои во тоа време не беа предвидливи, па дури изгледаа и нереално. Живеевме во една друга држава, со поинаков модел на уредување, кој тогаш делуваше како нормален, но настаните од крајот на осумдесеттите, зајакнувањето на тенденциите за наметнување на една нација врз другите, една република врз другите, и тоа со употреба на сила само за да се постигне целта, нѐ натера и нас, како и останатите, да размислуваме за алтернативи, а најдобрата излезе дека е отцепувањето.

Во таа смисла, мислам дека најголемото постигнување тогаш беше обединувањето околу одлуката за прогласување независност. 8 Септември е врвот на тоа достигнување, што потоа ги отвори сите перспективи, а денеска, за воља на вистината, сме самостојна и независна држава, со подеми и падови по патот, постигања и заостанувања, но со исполнет сон на многу генерации граѓани на оваа држава. Бидејќи, да си суверена и независна држава, членка на ООН, а денеска и членка на НАТО, најсилната воено-политичка алијанса во светот, со една гарантирана безбедност, па и развојна перспектива, е реален сон на секој граѓанин на оваа земја.

Се разбира, секогаш се поставува прашањето дали можевме повеќе? Сигурно ДА, како што можело да биде и полошо. Но, кога се споредуваме со регионот, ние не отстапуваме до трендовите, па затоа може слободно да се каже дека нашата иднина и судбина е во наши раце.

(ВИДЕО) Љубчо Георгиевски: Ќе не биде и во идните 30 и во идните 300 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот