НАСЕЛБАТА ЈАКА ВО ИЛИНДЕН: Беше најавувана како елитна, а заврши во кал и мрак (ФОТО)

До редакцијата на „Слободен печат“ пристигна писмо од револтирани жители на населбата Јака во општина Илинден. Тие велат дека вложиле се што имаат за да ги изградат своите куќи во населбата која беше најавувана како елитна, но поради игнорантскиот однос на општинската власт, жителите немаат основни услови за живот.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Ние сме сопственици на плацеви и куќи во населбата Јака, општина Илинден – Скопје. (Сопственици на плацеви и куќи сме околу 350 што значи заедно со нашите семејства Ви се обраќаме повеќе од 1300 луѓе (една илјада и тристотини луѓе).

Во текот на 2012 и 2013 година, во населбата Јака – општина Илинден – Скопје, купивме плацеви за изградба на куќи за семејно домување. Проектот „Населба Јака“ од страна на општината Илинден, беше промовиран како проект со инфраструктурни решенија според највисоките европски стандарди. По купувањето на плацевите, според редовните законски обврски ги реализиравме и сите други финансиски обврски кон општината Илинден, по што, според нашите неофицијални сознанија, од овој проект општината Илинден инкасираше повеќе од 1.200.000 евра (еден милион и двестотини илјади евра).

Од овие високи финансиски износи, општината Илинден во населбата Јака вложи незначителни средства – трасираше и тампонираше неколку улици и инсталираше водовод (без одводна канализација) во неколку куќи во населбата. Во 21 век, ние бевме принудени куќите да ги градиме без пристапен пат – градежните материјали на раце ги носевме до куќите, без вода – вода носевме во резервоари и без електрична енергија – за што купувавме или изнајмувавме агрегати.

Денес, седум години по започнувањето на проектот, состојбата во населбата Јака е непроменета – очајна, општинската власт не почувствува никаква обврска кон своите жители и не започна со реализација на скоро ниту еден проект од доменот на инфраструктурното уредување.

Имено, истрасираа и истампонираа уште неколку улици (во меѓувреме потполно се оштетија предходно тампонираните улици), ЕВН во своја надлежност инсталираше електрична енергија, а општината инсталираше водоводна мрежа во ограничен број на куќи (веќе повеќе од една година некои од нашите комшии имаат уплатено за приклучување на вода но општината не ги приклучува на водоводната мрежа). Општинската власт воопшто не започна со инсталација на одводна мрежа, не е поставен ниту еден метар асфалт, уште многу улици не се ниту истрасирани (сопствениците на тие куќи не можат ниту да пријдат до своите куќи), немаат поставено ниту една светилка за надворешно осветлување – иако истото редовно го плаќаме, не е означена ниту една улица во населбата, иако во истата во моментов живеат околу триесетина семејства, а повеќе од стотина други семејства не можат да се вселат во своите вселиви куќи, бидејќи ги немаат основните услови за живот.

Почитувани!

Во 21-от век, населбата „Јака“ инаку од општинските власти најавувана како проект- „Елитна населба“, е целата во кал, во потполн мрак, без јавен превоз – без можност за приоѓање на евентуално потребна екипа на брза помош, противпожарно возило, без можности за достава на пошта –генерално- со субстандардни услови за домување-во такви услови живееме ние триесетина семејства, кои немавме поинаков избор освен да се вселиме во нашите куќи, а се надевавме на брзо решавање на овие основни инфраструктурни потреби.

Многумина од нас, со нашите семејства, во овој проект ги вложивме последните пари или зедовме кредити, но поради инфраструктурната неуреденост, не можеме да се вселиме или да ги изградиме куќите, па и понатаму остануваме да живееме во изнајмени куќи и станови или во семејни куќи и станови каде што живееме со нашите роднини и по четири генерации заедно.

Формиравме и неофицијален одбор од наши претставници (претставници на жителите на населбата Јака), безброј пати се организиравме, разговаравме со Градоначалникот на општината и други претставници на општинската власт, но инфраструктурните проблеми и натаму остануваат нерешени. Во последниве неколку месеци од оваа 2019 година, постојано се обидуваме да се состанеме со Градоначалникот на општината, но истиот постојано не избегнува.

Длабоко сме разочарани, се чувствуваме излажани од страна на општинските власти, не можеме да го сфатиме ваквиот дискриминаторски однос кон нас, нивната непрофесионалност и ароганција кон сопствените граѓани. Ваквиот однос на општинската власт кон нас, развива силна разочараност, револт и недоверба не само кон институциите на локално ниво, туку и на државно ниво. Во сопствената држава ние не можеме да ги оствариме основните човекови права – да домуваме барем во исполнети минимални услови за домување и покрај тоа што сме ги платиле сите законски побарувања – од страна на локалната и државната власт – кон нас.

Преставката е доставена до Народниот правобранител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот