Населбата Јака остана без канализација и со калливи улици

Од Иницијативниот одбор за населбата велат дека се нарушени нивните основни човекови права на пристојно домување, затоа што сѐ уште живеат со услови како во среден век –во мрак, во кал, без јавен превоз и без можност за непречен пристап на Итна помош или противпожарно возило.

Проблемите со кои се соочуваат жителите на населбата Јака во Општина Илинден, која речиси десет години наместо елитна населба, каква што беше најавено дека ќе биде, опстојува во полутемница, без канализација и калливи улици, деновиве повторно излегоа во јавноста.

Со барање за обезбедување пристојна инфраструктура за живеење и револтирани од, како што велат, континуираниот и долгогодишен игнорантски однос на локалната власт на чело со градоначалникот Жика Стојановски, граѓаните што живеат во Јака, одржаа протест пред општинската зграда.

-Станува збор за населба, која е дел од Општина Илинден, во која и по речиси цела деценија од помпезната најава дека ќе биде елитна, сѐ уште живееме со услови како во среден век – неасфалтирани улици, без канализација (со септички јами), делумно улично осветлување… во мрак, во кал, без јавен превоз, без можност за непречен пристап на Брза помош или противпожарно возило, и тоа 9 години по почнувањето на проектот! Нарушени се нашите основни човекови права на пристојно домување, во општина на само 15 километри од Скопје, која себе си постојано се декларира како отворена и одговорна локална самоуправа со висок квалитет на живеење на своите жители – велат од Иницијативниот одбор на населбата Јака, објаснувајќи ги причините за протестот.

Оттаму додаваат дека протестите ќе продолжат и во иднина преку граѓански акции соодветни на ситуацијата и односот на локалната власт кон жителите на Јака.

Претходната државна власт, на чело со Никола Груевски,  пред девет години најави дека во Марино во Општина Илинден, ќе се изградат семејни куќи и ќе се создаде нова елитна населба која ќе ги задоволува сите стандарди на удобно живеење. Идејата беше, со продажба на евтино градежно земјиште по цена од едно евро за квадрат, полесно да се дојде до сопствен дом. Интересот на граѓаните  беше голем, особено што новата населба Јака од државата и општинска власт беше промовирана како проект со највисоки европски стандарди, а освен семејни куќи  на 500 парцели, во неа требаше да има и трговски центар, хотел, забавен парк, спортски терени. Од сите овие најавени содржини денеска нема ништо, освен куќите кои досега се изградија и чии жители се соочуваат со сериозни инфраструктурни проблеми.

Од Општина Илинден информираат дека во тек е изградба на колекторски систем во должина од 5000 метри, кој минува низ централниот дел на Илинден и Марино кој ќе ги зафати и одведе отпадните фекални води до пречистителна станица и дека се фокусирани на изградба на пречистителни станици и канализациски систем во повеќе населени места. Со реализацијата на овие проекти, како што тврдат оттаму, над 60 отсто од домаќинствата во Илинден ќе бидат приклучени на системот за фекална канализација со пречистување на отпадните води.

-Општината обезбеди и средства од други извори на финансирање, од централната власт и други финансиски институции, како што е проектот за изградба на фекална канализациска мрежа во локалитетот Јака за кој со одлука на владата се обезбедени 19.808.111 денари, средства од ТАВ Македонија со пренамена за изградбата на карго аеродромот во Штип, што треба да се реализира до крајот на годината – велат од Илинден.

Асфалтирањето на улиците во населбата се планира дури откако ќе се постави фекалната канализација, но нема информации кога би се случило тоа.

Од Општина Илинден потсетуваат дела во населбата Јака обврска на локалната власт во вкупната инвестиција за инфраструктура е 10 отсто, додека другото е обврска на централната власт. Досега, како што тврдат од Илинден, Општината инвестирала 30 отсто.

Видео на денот