Народните избраници ќе останат партиски заробеници

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најавата дека е можно лидери на двете најголеми партии да си позајмуваат пратеници – за да не ги уценува ДУИ – покажува дека мора да се менува изборниот модел ако не сакаме во Собранието да седат партиски послушници, туку претставници на тие што ги гласале, коментираат познавачите.

Пратениците во Македонија и понатаму не се вистински народни претставници туку партиски претставници кои го застапуваат интересот на лидерот на партијата, наместо граѓаните што ги избрале, коментираат политиколозите по вчерашниот предизборен дуел помеѓу претседателите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои во еден момент покажаа дека се спремни да си „позајмат“ пратеници, ако дојде до тоа да бидат уценети од ДУИ при формирањето влада, односни изборот на премиерот.

– Ако условот на ДУИ биде кандидатот, нема да преговараме со ДУИ. И сум спремен да му отстапам 13 пратеници, во разговор со пратениците, на Мицкоски, оти толку ќе му требаат за 61, за тој да формира малцинска влада. Доколку тој не сака да ми отстапи 6, за јас да формирам малцинска влада – рече Заев.

Мицкоски одговори дека постојат луѓе што се дел од коалицијата „Можеме“ кои евентуално во иднина ќе ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе правиме коалиција со сите што ќе ја прифатат програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваква понуда за размена на пратеници не е нова во македонската политика, имаше и по минатите избори кога тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груески му ги понуди на Заев сите освоени 51 пратеник за да направи влада само да не ја потпишува т.н. Тиранска платформа.

Партиски пазар

Според аналитичарите, и по 30 години демократија сѐ уште се води партиски пазар со пратениците во Македонија и се заборава дека тие се застапници на народот во законодавниот дом. Политикологот Благојче Атанасоски вели дека ваквото пазарење со пратениците е одлика султан партиите со авторитативни лидери и последица од затворените листи на кандидати за пратеници кои се дел од нашиот изборен систем од 2002 година.

– Партиските лидери и најтесното раководство ги избираат кандидатите за пратеници и на листите ставаат лојални послушници, ликови од доверба. Како последица во Собранието имаме партиски, а не народни избраници каде што тие го застапуваат партискиот интерес, односно ги исполнуваат желбите на лидерот. Тоа е еден вид должничко-доверителски однос, кога најлојалните се ставаат на најдобитните места на листите за сигурен мандат. Затоа и со години се бара промена на изборниот модел, кој ќе донесе вистински да биде изразена волјата на граѓаните преку една изборна единица во која нема да се губат гласови на помалите партии и нема да се фаворизираат најголемите партии и уште поважно, во кој ќе се воведат отворени листи, па гласачите директно ќе гласаат за своите избраници. Веројатно овој статус-кво е резултат на еден премолчан договор помеѓу трите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на кои овој модел им одговара, а кој нам ни носи брутален систем на партитократија – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Отворени листи

Според Законот за пратеници, пратеникот е претставник на граѓаните и при извршувањето на функцијата одлучува по свое уверување (член 2), функцијата пратеник во Собранието се врши професионално (член 4) и тој е должен е да остварува редовни контакти со граѓаните, со невладини организации, синдикати и здруженија на граѓани (член 23). Но, наместо независни и самомислечки застапници на интересот на граѓаните, кај нас со години се зборува за лојалност на пратениците, за пребегување од една во друга пратеничка група, за контрола врз пратениците која едно време беше обезбедувана и со меници, па дури и за нивно исклучување од партиите кога гласаат против партиските ставови и желбите на лидерот, што се случило и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ. Партиските лидери отворено зборувале и дека пратениците се еден вид партиска инвестиција и дека партијата троши пари за кампања за нивниот избор, по што е нормално тие во Собранието да ги застапуваат партиските интереси. Затоа во минатото имаше и законски забрани за пратениците да ги менуваат пратеничките групи, но потоа тоа беше укинато. Во последниот парламентарен состав имаше три преминувања од опозициските во редовите на власта, односно Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани ја напуштија коалицијата „За подобра Македонија“ и станаа дел од парламентарното мнозинство.

Според Атанасовски, сегашниот изборен модел не им нуди личен избор на граѓаните кој да ги застапува, а произведува вечни пратеници како Лилјана Поповска, Амди Бајрам, Влатко  Ѓорчев, Илија  Димовски, Радмила Шекеринска, Али Ахмети и други. Со отворени листи не само што гласачите ќе одберат вистински народни претставници, туку ќе може да се провери и легитимитетот на партиските лидери бидејќи ќе се види и колку гласови ќе освојат самите тие како личности.

– Сѐ се сведува на тоа дека прво треба да се демократизираат самите партии за да се демократизираат и институциите затоа што тие подоцна стануваат репрезенти на извршната власт. На пример во ЦДУ на Ангела Меркел во Германија членовите на партијата директно со електронско гласање го избираат парискиот лидер, а такви примери на целосно демократизирани партии има и во други европски земји. Но, кај нив зборуваме за демократска традиција долга над 300 години, а ние 30 години не можеме да најавиме ни најмал исчекор – вели Атанасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот