Народниот правобранител отвори бесплатна СОС линија за деца

Instagram

 Од денеска во канцелариите на Народниот правобранител во функција е бесплатната телефонска СОС линија за деца 0800 88 500. На оваа линија децата ќе можат да се јавуваат и да бараат совети од стручните лица или пак да укажат на евентуална повреда на нивните права.

Заменик народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа на денешната прес-конференција посочи дека оваа линија е отворена токму по барање на децата и истата ќе можат да ја користат за да изнесат свои сопствени убедувања, ставови и размислувања за прашања кои ги засегаат нив, а за кои многу малку или воопшто не се прашани.

Таа исто така информира дека ова доаѓа како резултат на зголемен број претставки за повреда на правата на децата.

– Од досегашното работење несомнена е констатацијата за зголемен број на претставки за повреда на правата на децата поднесени од родители на деца, од роднини или нивни други блиски лица, како и од самите деца кои пак при нашите посети во основните и средните училишта во установите каде што се сместени и слично, бараат и укажуваат дека кај Народниот правобранител треба да има една бесплатна линија на кој ќе може да се јавуваат, да побараат совет, да изнесат свои размилсувања за евентуални повреди и злоупотреби занемаравуња, додаде Бајрамовска-Мустафа.

Бесплатната телефонска линија за деца е реализирана во соработка со Македонски телеком кој го спонзорирал бројот, и со невладината организација „Мој живот”, која лани на Меѓународниот ден на детето во форма на петиција бараше да се создаде еден ваков проект.

– Сите ние се раководевме од една единствена цел, а тоа е да бидеме што поблиску до децата и младите, да ги слушаме да ги советуваме и правилно да ги насочиме во време кога сме им потребни повеќе од кога било, поради новонаметнатите услови за живот, учење па и користење на слободното време, и секако негативното влијание и последиците од пандемијата Ковид-19, додаде заменик народен правобранител.

Според Бајрамовска-Мустафа, оваа телефонска линија ќе биде дополнителна поддршка за сите деца и ги охрабрува и повикува да ја користат секогаш кога ќе сакаат да разговараат, да бараат одговори за прашања и проблеми во врска со теми кои ги интересеираат, па и во случај да споделат нешто што ги мачи, што ги прави да се чувствуваат тажно, вознемирано, или пак доколку сметаат дека нешто ги попречува во остварување на нивните права.

Таа информира дека стручни лица од Одделот за заштита на права на децата и лица со попреченост ќе бидат достапни за децата секој работен ден од 8 до 16 часот.

Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев порача дека оваа линија е добредојдена во време на пандемијата, кога стресот, изолација и новиот начин на живеење ги зголемуваат можностите за семејно насилство, онлајн насилство, неадекватни услови за едукација.

– Ние во Македонски телеком сметаме дека активно треба да учествуваме во заедничко решавање на предизвици а добросостојбата на децата да е секако најважна задача на едно општество. Како технолошки лидер секогаш ја ставаме технологијата во служба на луѓето. СОС детската линија е едноставен начин да им се овозможи на децата и на младите директно да разговараат со стручни лица, да побараат помош, совет, и да се слушне нивниот глас, рече Љушев на прес-конференцијата.

Како што додаде, бесплатна СОС детска линија ќе им помогне на децата и на младите да зборуваат слободно и безбедно за нивните проблеми, стравови и предизвици во исто време ќе бидат сигурни дека нивните податоци се доверливи

– Особено ми е драго што ја помогнавме реализацијата на оваа линија која ги штити децата и нивните права особено од ранливи групи затоа што веруваме дека на секое дете треба да му се оебзбедат еднакви услови за здрав физички и ментален развој. Поттикнување на акции и иницијативи на ианклузија на деца и млади од ранливи групи е дел од нашата стратегија и ние секако ќе продолжиме во тој план, посочи директорот на Македонски телеком.

Гент Тоска од невладината организација „Мој живот” посочи дека проектот е реализиран благодарение на иницијатавата што „Млади лидери” покрената на 20 ноември минатата година.

– „Млади лидери” е проект каде што сите деца од сите националности можеа слободно да се изразат и да бидат во центарот на вниманието, како што и заслужуваат. Затоа одлучивме да покренеме иницијатива за потпишување на една петиција за СОС телефон кај Народниот правобранител. Петиција до сега ја имаат потпишано над илјада граѓани. Со ова потврдуваме дека со добра соработка меѓу граѓанскиот сектор, институциите, компаниите и разните донатори кои се дел од државата можат да бидат успешни и се надевам дека оваа соработка ќе прерасне, посочи Гент Тоска на денешната прес-конференција.

Видео на денот