Народниот правобранител испитува како починал осуденикот Реџаил Ќерими

Реџаил Ќерими / Фото: Фејсбук

Тим на Народниот правобранител од вчера ја истражува смртта на Реџаил Ќерими, осуденикот за убиството на полицаецот Африм Љатифи од единицата Алфа кај Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој почина вчера, објави Телма.

Се вршеле разговори со вработените, цимерите од ќелијата на Ќерими и лекарскиот персонал во затворот „Идризово“, а се прегледувале и безбедносните камери. Истражителите заклучиле дека на осуденикот му се влошила здравствената состојба уште утрината, а ноќта паднал и починал – неофицијално од мозочен удар. Но, медицинска обдукција за точните причини нема да има, вели народниот правобранител Насер Зибери.

Истрагата треба да даде одговор и на прашањето зошто не е наредена обдукција од страна на обвинителот, иако тоа го наложува Законот за здравствена заштита, особено ако смртта настанала во притвор или затвор. Братот на Ќерими за медиумите изјави дека недовербата во институциите за спроведување на законот ги спречила да дозволат форензичко вештачење. Бил во добри односи со цимерите во затворот Идризово, а Ќерими не се жалел на здравствени проблеми иако пред 6 години бил хоспитализиран, па пуштен со дијагноза – „вкочанување на нервите на лицето“. Случајот „Алфа“ одново доспеа во јавноста откако владата најави дека ќе ангажира странски експерти да ги следат овој и уште три други судски случаи на што правните експерти реагираа на мешање на извршната во судската власт. Адвокатите на починатиот Ќерими лани во јуни побараа ново судење преку вонреден правен лек, откако и Врховниот суд ги потврди доживотните затворски казни за него и Агим Ислами, а тие самостојно ангажираа експерт од Србија, кој наводно ја потврдил невиноста и судската грешка во случајот, пишува Телма.

На 29 ноември 2008 година, тричлена полициска патрола беше нападната на паркингот на ПМФ. Африм Латифи загина на местото, додека двајцата други полицајци беа изрешетани, а еден од нив е доживотен инвалид од раните здобиени во заседата. Покрај Ислами и Ќерими, кои се осудени на доживотен затвор, за нападот како главен организатор е осуден Алмир Дрпљанин. Тој во бегство беше осуден на доживотна казна, но по апсењето на Косово и екстрадицијата, на ново судење за крвавиот напад доби 20 години затвор.

Видео на денот