Народната банка продолжува со развој на статистиката на финансиските сметки

Народна банка зграда
Народна банка на Република Северна Македонија / Фото: МИА

Народната банка продолжува со развојот на статистиката на финансиските сметки, согласно со заложбите за усогласување со највисоките меѓународни и статистички стандарди на Европската Унија.

Од централната банка денеска посочија дека твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ” придонесува за збогатување на сетот податоци со коишто располагаат и коишто за првпат беа објавени кон крајот на минатата година. 

Во рамки на проектот, како што информира Народната банка, денеска е одржана презентација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје на која се презентирани најновите достигнувања на Народната банка во сферата на статистиката.

– Морам да истакнам дека големо значење за натамошниот развој на статистиката на финансиските сметки има пренесувањето на ИТ-решението за составување на овие податоци од Хрватската народна банка, којашто е една од нашите твининг-партнерки. Ова е значајна придобивка од проектот финансиран од Европската Унија, што во Народната банка ќе придонесе за брз, ефикасен и систематичен процес на подготовка на податоците и нивна трансмисија до европските институции, истакнала директорката на Дирекцијата за статистика, Султанија Бојчева-Терзијан. 

Во текот на дискусијата било посочено дека новите и збогатени податоци не само што ќе овозможат донесување на подобри одлуки засновани на докази за повеќе области, туку ќе бидат значајни и за академските истражувања.

– Тоа уште еднаш потврдува дека придобивките од твининг-проектот финансиран од Европската Унија носи придобивки за севкупната економија, а со тоа и за сите граѓани, велат од Народната банка. 

Твининг-проектот е во завршна фаза. Во него, покрај на статистиката на финансиските сметки, посебни проектни компоненти им се посветени на платежните услуги и системи, активностите во сферата на регулативата и супервизијата на банките и во сферата на истражувањето. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот