Во декември вкупните депозити во банките (на домаќинствата и на фирмите) се зголемени за 3 проценти во однос на ноември, а дури за 5,9 проценти во однос на истиот месец од 2019 година, покажуваат податоците што денес ги објави Народната банка за последниот квартал од ланската година.
Притоа, Народната банка потенцира дека месечниот растот на депозитите е поизразен кај корпоративниот сектор, но растот на годишно ниво повеќе се должи на поголемото штедење на домаќинствата.
Истовремено, податоците покажуваат идека е зголемено и кредитирањето. Така, во декември вкупните кредити (на домаќинствата и на фирмите) забележале раст од 1,1 процент во однос на ноември и 4,7 проценти на годишно ниво.
И во овој случај, месечниот раст на кредитите повеќе е резултат на зголеменото кредитирање на компаниите, додека годишниот, односно ако се споредат податоците од декември 2020 со декември 2019 година, повеќе се должи на зголеменото кредитирање на населението.