Народна банка: Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки на корисниците

Народна банка на РСМ
Народна банка на РСМ / Фото: Архива на Слободен печат

Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки на корисниците. Трансакциите се успешно извршени преку Македонскиот интербанкарски платен систем, којшто денес работеше за средствата да им бидат достапни на сите тутунари коишто се приматели на субвенции. Со самото тоа што средствата се исплатени на сметките, тие постојано ќе им бидат на располагање на корисниците.

ИНФОРМАЦИИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА СУБВЕНЦИИ КОИШТО ПОСЕДУВААТ ДЕБИТНИ КАРТИЧКИ

Почитувани,

Заради заштита на јавното здравје, апелираме, секогаш кога тоа е можно, за плаќање со средства од субвенциите да ги користите дебитните картички и да го избегнувате користењето готовина (кеш). Со тоа ќе го заштитите и сопственото здравје, и здравјето на другите.

Истовремено ве известуваме:

–      Доколку сепак, веќе имате неодложна потреба дел од добиените средства да подигнете во готовина, тоа ќе можете да го сторите на банкоматите во општината во којашто живеете, веќе во понеделник (20 април), од 16 до 23 часот. Движењето за вас, во тој период ќе биде дозволено за да ја остварите таквата потреба.

–      Ако имате потреба средства од субвенциите да користите во готовина, на банкоматите, готовина ќе можете да подигнете и во сиот натамошен период.

–      Доколку сега немате итна и неодложна потреба од готовина, потсетуваме дека заради заштита на здравјето, во текот на претстојните денови не мора да посетувате банкомат. Средствата постојано ќе ви бидат достапни за да ги користите во согласност со вашите потреби.

–      Максималниот износ на средства којшто ќе можете да го подигнете преку банкомат во текот на 24 часа е еднаков на дневниот лимит за подигнување готовина од вашата дебитна картичка, којшто веќе е договорно утврден со банката чии услуги ги користите.

–      За да подигнете готовина од добиените субвенции, потребно е вашата дебитна картичка да е поврзана со конкретната сметка на којашто ви е извршена уплатата.

Ве замолуваме, заради заштита на здравјето, доколку сепак имате потреба од подигнување готовина, при посета на банкомат да се придржувате до препораките за самозаштита:

–      да сте на соодветна раздалеченост од другите лица коишто чекаат во редот и

–      да користите ракавици при употреба на банкоматот.

ИНФОРМАЦИИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА СУБВЕНЦИИ КОИШТО НЕ ПОСЕДУВААТ ДЕБИТНИ КАРТИЧКИ

Почитувани,

Ве известуваме дека ако во овој период имате потреба од подигнување готовина од исплатените субвенции, тоа ќе можете да го остварите во експозитурите и филијалите на банките во коишто се вашите сметки, во општините во коишто живеете, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од вашето презиме:

–      21 април (вторник) – А, Б, В, Г, Д;

–      22 април (среда) – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;

–      23 април (четврток) – Л, Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;

–      24 април (петок) – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Заради заштита на јавното здравје, ве замолуваме да го почитувате утврдениот распоред.

Истовремено Ве известуваме дека:

–      Во периодот од 21 до 24 април, во општините каде што живеат повеќето од вас, со продолжено работно време oд 8 до 17 часот ќе работат филијалите и експозитурите на:

o   НЛБ Банка: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино;

o   Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола, Радовиш и Струмица.

Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според постојното работно време во овој период.

–      Во општините во коишто банките ќе работат со продолжено работно време, при посета на филијала или експозитура заради подигнување готовина од исплатени субвенции, за вас, движењето ќе биде овозможено до 18 часот.

Потсетуваме дека уплатените средства, на вашите сметки ќе ви бидат на располагање постојано и доколку готовината не ви е итно неопходна, заради заштита на здравјето, во овој период не мора да ги посетувате филијалите и експозитурите на банките. Тоа ќе може да го сторите и натаму, секогаш кога ќе имате потреба од готовина.

Истовремено, потсетуваме дека заради заштита на здравјето, соодветно е овие средства да ги користите и со употреба на електронското или мобилното банкарство, преку коишто може да вршите и трансакции/плаќања итн. Со тоа ќе избегнете физичка посета на банките и чекање во ред, и клучно – ќе го заштитите и своето и здравјето на другите. Доколку досега не сте корисник на ваква банкарска услуга, можете веднаш да се обратите до банката во којашто е вашата сметка, преку нејзиниот контакт-центар или другите комуникациски канали и да добиете информации за користење на ваквите услуги, за да не ги посетувате експозитурите и филијалите.

Доколку сепак, веќе имате потреба да подигнете готовина од исплатените субвенции, апелираме да го почитуваме распоредот и:

–      пред и во објектите на банките да ги почитувате препораките за самозаштита, вклучително и да сте на соодветна раздалеченост од другите лица и

–      да ги почитувате насоките од лицата коишто ќе се грижат за редот пред и во објектите.

Ние сме во постојана координација со сите релевантни институции, при што заеднички вложуваме максимални напори да се заштити здравјето на секој од вас. Притоа сме во интензивна комуникација и со банките, коишто веќе се подготвуваат за да можат соодветно да го услужат секого од вас, којшто следната недела ќе има потреба од нивните услуги. Веруваме дека координираниот пристап ќе даде успешен резултат, бидејќи и во оваа активност, заеднички приоритет е и заштитата на јавното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот