Народна Банка: Се што преземавме за ,,Еуростандард” беше за да ги заштитиме депонентите

Народна банка на РСМ
Народна банка на РСМ / Фото: Архива на Слободен печат

Народна банка ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет по настапите на сопствениците на Еуростандард банка откако беше донесено решението за укинување на дозволата за основање и работење, информираат оттаму.

Од Народна Банка ја известуваат јавноста дека сите мерки коишто оваа институција ги има преземено кон „Еуростандард банка” АД Скопје се за заштита на депонентите на Банката.

 ,, Со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите. Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка” АД Скопје и го стори тоа. Сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката. Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката”, се вели во писменото соопштение на Народна Банка.

Оттаму додаваат дека сопствениците не го обезбедиле потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнеле издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓала.

 ,,Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и  инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката”, се вели во соопштението.

Народната банка е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.

Сите мерки коишто ги презеде Народната банка беа во насока да не се дозволи „Еуростандард банка” АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање,  коишто би биле на штета на депонентите и доверителите.

Граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот