Народна банка одлучи да ја остави каматната стапка на исто ниво

На 13 август 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Според оцените на Комитетот, монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 2,25%. Истовремено беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 14 август 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата беа разгледани најновите остварувања во домашната економија во контекст на најновите макроекономски проекции. Според Комитетот, економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната позиција во платниот биланс, контекст кој придонесува за континуирани интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2019 година главно упатуваат на натамошен раст на економијата, но веројатно поумерен во споредба со првото тримесечје.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите седум месеци од годинава изнесува 1,2%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега се оценуваат како урамнотежени.

Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, остварувањата за надворешнотрговската размена заклучно со вториот квартал на оваа година покажуваат понизок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје.

Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јули засега се во склад со проектираните и укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери на ниво на очекувањата за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на јули се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат натамошен раст на годишна основа, кој кај кредитите е нешто поумерен.

Во периодот меѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките се задржа на стабилно и високо ниво, поради што банките имаа слаба потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Од аспект на тековите на ликвидност во банкарскиот систем, сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина на населението беше целосно надоместена од емисијата на денарски средства од Народната банка, остварена со интервенциите за откуп на девизи на девизниот пазар. Конкретно во јули, Народната банка откупи 43,8 милиони евра. Високиот месечен износ врз основа на интервенции беше остварен во услови на зголемен откуп на девизи на банките во трансакциите со менувачниците, што е вообичаено сезонско движење, а во јули годинава се оствари во поголем обем во однос на истиот месец претходните години. Банките ја искористија девизната ликвидност за задоволување на побарувачката на сопствениот и на меѓубанкарскиот девизен пазар, а вишокот девизни средства беше откупен од Народната банка. Откупот на девизниот пазар продолжи и на почетокот на август, при што збирно од почеток на годината, заклучно со 13 август, Народната банка има откупено 174,55 милиони евра.

Банките продолжија да го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Надолните ризици за светската економија преовладуваа и во јули, поради што политиките на централните банки на глобално ниво беа насочени кон поддржување на економскиот раст. На финансиските пазари во еврозоната беше забележан пад на приносите на безбедните инструменти, во услови на зголемена побарувачка од инвеститорите, заради настојување да се остварат поголеми приноси и очекувања за олабавување на политиката на ЕЦБ. На редовниот состанок, ЕЦБ испрати сигнал дека е подготвена да преземе активности за дополнителна монетарна поддршка. Централната банка на САД – ФЕД, како што се очекуваше, го намали целното ниво на движења на референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, во распон од 2% до 2,25%. Ваквата одлука беше претставена како приспособување на монетарната политика според тековниот економски циклус, при што беше нагласено дека тоа не претставува почеток на интензивен циклус на експанзивна монетарна политика. На почетокот на август уште повеќе се зголеми променливоста на меѓународните финансиски пазари, откако силно се заострија трговските односи помеѓу САД и Кина. САД најави дека ќе воведе царини на увоз на производи од Кина, коишто досега не се оцаринети, бидејќи во преговорите меѓу двете земји не беше забележан очекуваниот напредок.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, додека согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот