Народна банка: Немаме детали за банките за кои зборува Финансиската полиција

Народна банка на РСМ
Народна банка на РСМ / Фото: Архива на Слободен печат

Од Народната банка велат дека не располагаат со детални информации во однос на изјавата на првиот човек на Финансиската полиција Арафат Муареми дека се водат предистражни постапки за две-три банки.

– Во врска со изнесеното од директорот на Управата за финансиска полиција, а согласно природата на надлежностите на Управата, Народна банка не располага со детални информации за овие прашања. Дополнителното појаснување, дадено од Управата денес, јасно посочува дека не станува збор за активности коишто тековно се одвиваат и со тоа не претставуваат ризик за банкарскиот систем. Народната банка, во континуитет ги зајакнува регулативата и супервизорскиот капацитет, доследно ја спроведува својата супервизорска функција и постапува согласно со своите надлежности. Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат солидни и стабилни, а впрочем и оцените на сите релевантни меѓународни институции за банкарскиот систем се позитивни – ни одговорија од Народната банка на прашањето за предистражните постапки што ги спомена Муареми.

По изјави на ТВ 24 од страна на првиот човек на финансиската полиција дека има две-три банки во кои имма слични, но не исти дејствија како во Еуростандард банка,  од Управата за финансиска полиција, преку МИА стигна дообјаснување.

„Дадената изјава воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките, односно не упатува на тековни наоди на Управата за финансиска полиција за вакви активности кај банките. Изјавата се однесува на преземени дејствија од страна на банки кои како такви се имаат случено во период од 2007 до 2012 година. Оттаму, изјавата воопшто не имплицира дека во овој момент се преземени нови дејствија за нови случаи. За наведените дејствија Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и Известување до Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, соопштија од Управата.

Добрата вест што може да се извлече од изјавата на Муареми дадена за ТВ 24 е дека во овие банки има покритие за дадените кредити, но лошата е дека и таму има индиции за кривични дела што ги правеле сопствениците на банките.

– Почнавме предистражна постапка за уште две, три други банки кои постапувале на сличен начин, не на ист. Разликата меѓу нив и Еуростандард банка е што другите банки го искористиле заложното право. Верувам дека доколку и Еуростандард банка обезбедеше залог со кој ќе ги покриеше кредитите, или пак сооднос 2 спрема 1, немаше да дојде во ситуација да се носи во стечај – вели Муареми.

Муареми објасни дека во тие банки, сопствениците на банките си земале кредити од тие банки за да купуваат акции.

– Ваков случај имаме со 2-3 банки, кои ги искористиле кредитите на самата банка за да купуваат акции за сопствените потреби на сопствениците на банката со пари од банката. Разликата е што тие не дошле во состојба какоЕуростандард банка да не се извршуваат кредитите – рече Муареми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот